УКЛО го објави конкурсот за упис на студенти во новата академска година

Во следната академска година на битолскиот УКЛО има место за вкупно 2.565 нови студенти

Фото: Министерство за култура

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) го објави конкурсот за запишување на нови студенти во акдемската 2023/2024 година и истиот е достапен на интернет-страницата на универзитетот.

На 11 единици на УКЛО во следната академска година место има за 2.565 нови студенти. Од нив, 1.351 места се за студенти што ќе студираат со државната квота,  773 места се за студенти со кофинансирање, додека 441 се наменети за вонредни студенти.

Конкурсот за оваа академска година ќе се реализира во три уписни рока и тоа: првиот на 21, 22 и 23 август, вториот на 6 и 7 септември, а третиот на 22 септември.

Пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.uklo.edu.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот. Бројот којшто кандидатот автоматски го добил од системот за електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се поднесува при пријавувањето за запишување.

Во конкурсот се наведува дека на секоја единица во рамки на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на тројцата најдобро рангирани кандидати во редовна квота ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии.

Инаку, најмногу слободни места се предвидени на Техничкиот факултет (380), по што следуваат Правниот (365), Факултетот за безбедност (310) и Педагошкиот факултет (302).

Повеќе информации и Конкурсот може да се најдат на овој линк.