И по два уписни рока, во „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“ и во „Орце Николов“ има уште слободни места

По првиот уписен рок, Мета објави дека опаѓа интересот за гимназиско образование, а дека на сметка на тоа расте во стручното образование

Фото: Мета.мк

Гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ се двете училишта во кои бројот на слободни места е пополнет по два уписни рока. Интересно е дека популарните скопски гимназии „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, се училиштата во кои и по двете пријавувања, има слободни места.

Првото пријавување на учениците се реализираше преку електронско аплицирање на 20 и 21 јуни, а второто пријавување на 27 и 29 јуни. Прелиминарните ранг листи се објавија на 22 јуни, односно на 29 јуни. Доставувањето на потребната документација до училиштата беше на 22 и 23 јуни и на 29 и 30 јуни. Конечните ранг листи беа објавени на 24 јуни и на 1 јули.

Мета неодамна објави дека опаѓа интересот за гимназиско образование, а дека на сметка на тоа расте во стручното образование. Лани, на пример, во гимназијата „Орце Николов“ за 285 слободни места се пријавиле 337 кандидати за упис, по што мораше да има селекција со квалификациски тест, годинава бројот на пријавени е 271, што значи дека не е исполнет предвидениот број на слободни места.

Дека опаѓа интрересот за гимназиското образование покажуваат и годинешните бројки што ги објави Министерството за образование и наука, во кое се вели дека во двете пријавувања во јунскиот уписен рок во прва година средно образование во учебната 2023/2024 се запишале 15.481 ученик, од кои речиси две третини во стручните училишта. Според конечните ранг-листи во стручно образование се запишале 10.277 ученици – 4.603 ученици се запишани во гимназиите, 414 во спортска гимназија и 187 во уметничко образование.

Најголем интерес, односно повеќе апликации со успех 5,00 од бројот на предвидени слободни места, годинава имаше во „Д-р Панче Караѓозов“, за насоката фармацевт на албански наставен јазик. За да се изврши селекција на кандидати, тие полагаа квалификациски тест.

Инаку, денеска од МОН информираа дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок.

Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август.