Ќе добијат ли учениците навреме свидетелства за да можат утре да се запишат во средно?

ОУ Киро Глигоров, Скопје | Фото: Мета.мк, 11.04.2022 г.

Електронското пријавување за упис во средно образование е утре и задутре, па затоа во многу основни училишта низ државата, за денеска е закажано доделување на свидетелствата за деветто одделение. Во некои училишта се делеле свидетелства и викендов, а во некои пак, закажано е доделување вечерва во 18:30 часот.

Директорите со кои поразговаравме велат дека не се доцни со давањето на свидетелствата, кои на учениците им се неопходни за упис, иако во информацијата од Министерството за образование и наука стои дека ако учениците до 15 јуни сè уште го немаат добиено своето свидетелство, тогаш ќе треба да прикачат слика, односно скриншот од оцените во е-дневникот.

Годинава за прв пат се воведува ваква дигитална услуга за електронско аплицирање, иако учениците имаат обврска, на увид да ги достават и хартиените документи на 16 и на 17 јуни. Наставниците изминативе денови брзаа да ги внесат оцените во е-дневникот за да можат потоа да ги пополнат и свидетелствата, но наидуваа на потешкотии затоа што системот беше оптоварен.

„Нема да задоцниме со доделувањето свидетелства. Ние денес ги доделуваме во 12 часот, за да можат учениците утре веднаш да се пријават. Имаше реакции, односно потешкотии во однос на додатокот на свидетелство, но имавме известување од МОН дека може и понатаму да се додели додатокот на свидетелство. Ова е новина и непознаница, тоа е како свидетелство за описно оценување и за тоа ќе чекаме насоки кога дополнително да им се даде“, вели Светлана Масларевска, директорка на основното училиште „Коле Неделковски“.

За прв пат годинава учениците ќе добијат додаток на свидетелство

Во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, на учениците во две паралелки деветтоодделенци свидетелствата ќе им бидат доделени денеска, а на останатите две паралелки – утре.

„Учениците не треба да се грижат, секако документите ќе мора да ги донесат на увид во училиште на 16 и на 17 јуни, а дотогаш ќе ги имаат потребните свидетелствата“, вели директорката Благородна Сотиров.

Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 16 јуни на www.mon.gov.mk и на  https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 09 часот. Доставувањето на потребената документација  до училиштата е на 16  јуни од 12 до 19 часот и на 17 јуни од 7 до 19 часот.