ДПИ одлучи дека УКИМ не смее да бара од идните студенти дополнителни изјави

УКИМ
Филозофски и Филолошки факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

На само неколку дена пред рокот за запишување на нови студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заинтересираните лица за студирање се на маки кои документи треба да ги соберат за да се пријават на студиските програми на факултетите. Изминативе денови студенти се жалеа дека факултетите на овој скопски универзитет им барале на идните студенти да потпишат две изјави – Изјава за неконкурирање на друг универзитет и Изјава за неподигање на документи при упис во академската 2022/2023 година.

Од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) вчера извршиле вонреден инспекциски надзор, при што ги потврдиле поплаките на идните студенти на УКИМ. Поради итноста, било издадено усно Решение за изземање на двете изјави од документацијата што треба да ја поднесат студентите за упис на факултетите, бидејќи ваквите изјави се во спротивност на Законот за високо образование.

Со изјавата за неконкурирање на друг универзитет, кандидатот за студент на УКИМ се обврзува да конкурира само на една од единиците на Универзитет „Св. Кирил и Mетодиј“ од Скопје и на ниту еден друг универзитет, додека со Изјавата за неподигање на документите кандидатот за студент се обврзува дека во рок од три месеци нема да ги подигне оригиналните документи кои ги доставил при уписот.

Инаку, Мета.мк во два наврати изминатава недела пишуваше дека „iKnow“ системот на УКИМ повремено не функционира, иако студентите треба да полагаат испити и да ги пријават истите. Матурантите имаат најголем проблем, бидејќи тие треба да ги поднесат по електронски пат документите за упис на факултетите. Денеска овој систем сепак е функционален.

На оние факултети на УКИМ каде што ќе се врши и проверка на знаењата на кандидатите, првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 25 и 26 август, додека проверката на знаењата е на 30 август. Станува збор за Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ.

Првиот рок за запишување на заинтересираните лица на останатите факултети на УКИМ е на 30 и 31 август, вториот рок е на 15 и 16 септември, а третиот рок е на 28 септември. Овие рокови важат за повеќето факултети на УКИМ каде што кандидатите се рангираат единствено според успехот од средното образование.