УКИМ го објави конкурсот за прием на студенти на прв циклус студии

Филозофски факултет УКИМ
Филозофски и Филолошки факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска го објави конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии во учебната 2022/2023 година. За претстојната академска година на факултетите на најстариот универзитет во земјава има 10.918 слободни места.

Од нив, 5.306 места се предвидени за редовните студенти кои ќе плаќаат партиципација од 200 евра, 4.522 слободни места има за редовни студенти кои плаќаат школарина од 400 евра, додека 1.090 места се наменети за вонредните студенти.

Првиот рок за запишување на заинтересираните лица на факултетите на УКИМ е на 30 и 31 август, вториот рок е на 15 и 16 септември, а третиот рок е на 28 септември. Притоа, овие рокови важат за повеќето факултети на УКИМ каде што кандидатите се рангираат единствено според успехот од средното образование.

На оние факултети на УКИМ каде што ќе се врши и проверка на знаењата на кандидатите, првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 25 и 26 август, додека проверката на знаењата е на 30 август.

Вториот рок за овие кандидати е на 14 и 15 септември, а проверката на знаењата е на 16 септември. Третиот рок е на 28 септември.

Напомена дека и во оваа учебна година, проверката на знаењата и умеењата ќе се вршат на Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Исто така, на последниве три факултети токму проверката на знаењата и умеењата на кандидатите учествува со 60 отсто од можните 100 поенти кои кандидатите можат да ги освојат на ранг листите.

На Педагошкиот и на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, на кандидатите кои сакаат да се запишат на наставните студиски програми ќе се врши претселекција на кандидатите по пат на интервју, која не се бодира.

Запишување на кандидатите кои имаат интерес за студиските програми на УКИМ ќе се врши на 12 и 13.9.2022 година за оние кои поднеле документи во првиот рок, 26.9.2021 година за втор рок и 30.9.2022 година за оние во трет рок.

Инаку, годинава најмногу слободни места за запишување студенти има на Природно-математичкиот факултет (1.275 места), по што следи Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (1.125 места) и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (1.080 места).

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here