„iKnow“ системот на УКИМ и веб-страницата на МОН се повторно недостапни

ФИНКИ
ФИНКИ / фото: Мета.мк

Во моментов повторно не се активни веб страницата на Министерството за образование и наука (МОН), ниту пак „iKnow“ системот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За само неколку дена, ова е трет пат како овие два веб сајта не функционираат во исто време.

Минатиот четврток, од ФИНКИ за Мета.мк информираа дека станува збор за ДДОС напад на серверите на факултетот, преку кој всушност функционираат електронскиот „iKnow“ систем, како и неколку платформи за учење на УКИМ. Поради нападите, студентите беа оневозможени да пристапат до материјалите непосредно пред стартот на испитната сесија која на некои факултети почнува од денеска, а дополнително, ниту матурантите не се во можност да ги прикачат документите за упис на факултетите на УКИМ.

Од ФИНКИ тогаш рекоа дека не знаат кој стои позади хакерскиот напад.

„iKnow“ системот во четвртокот беше вратен во функција, но студенти реагираа дека и покрај пристапот, дел од фунцкиите сѐ уште биле оневозможени. Така, студентите не можеле да ги променат своите лозинки, ниту пак да прикачат било каков документ во системот.

Речиси истовремено со паѓањето на системите на УКИМ, паѓа и веб страницата на Министерството за образование и наука. Мета.мк минатата недела упати прашање до ова министерство за тоа кои се причините поради недостапноста на нивниот сајт, но, до овој момент, од МОН не добивме одговор.

Овие две веб страници не функционираа подолго време и во текот на вчерашниот ден, по што проблемот беше решен. Попладнево, веб страниците се повторно недостапни.

Прашање на кое надлежните сѐ уште не дале одговор е кој и зошто за мета на напад ги има системот на најголемиот универзитет во земјава и оној на Министерството за образование и наука.

iKnow системот на УКИМ под хакерски напад, паднат е и сајтот на МОН