Повеќе од 14.500 ученици аплицирале за упис во средно, утре треба да ги приложат документите и во училиште

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Повеќе од 14.500 пријави се пристигнати во базата на податоци на системот за електронско аплицирање на учениците за прва година во средните училишта, информираше денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Овој модел на упис за прв пат се воведува годинава. Вработените во училиштата пак, со кои поразговаравме, рекоа дека чекаат да им биде овозможен пристап во системот за да видат колкумина кандидати се пријавиле и за кои насоки.

„Целокупната подготовка од страна на МОН, како и достапноста на порталот за пријавување, резултираше со евидентно порелаксиран процес споредбено со сите минати години. Утрово до 8 часот имаме апликации на околу 75 отсто од сите ученици, а до крајот на денот очекуваме процентот да биде достигне до 90“, рече министерот.

Министерот додаде дека на 16-ти и 17-ти јуни училишните комисии ќе извршат проверка на идентичноста на податоците од апликациите со доставените документи, а веќе на 18-ти ќе бидат објавени и конечните ранг листи на огласните табли на училиштата и на веб страницата на Министерството за образование и наука.

Тој најави надграден е-дневник со полесни функционалности, побрзи сервери што во текот на работата на наставниците ќе им овозможи на наставниците непречена работа, мобилна апликација на е-дневник, како и подобра комуникација во реално време со родителите.

„Во план е воведување на електронско свидетелство, автоматско внесување на оценките во е-дневник при аплицирање на основци во средно, а работиме на идејата за имплементација на нов Higher education management system (HEMIS) за автоматско
аплицирање за матурантите на универзитетите“, најави тој.

Пријавувањето по електронски пат траеше до денеска до 15 часот. После тоа се затвора системот за нови пријави, а се отвора за училиштните раководства, кои користејќи ги нивните кориснички имиња преку schoоls.mk, можат да видат колкумина кандидати се пријавиле и за кои насоки.

Во текот на утрешниот ден учениците треба да ги приложат документите за упис во училиштата во кои се пријавуваат, за да се провери веродостојноста на документите. Потоа ќе бидат истакнати ранг листи со запишаните ученици.