На УКИМ има место за 10.473 бруцоши, објавен е конкурсот за упис

И годинава најмногу слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – вкупно 1.150 слободни места

фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) го објави конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии во учебната 2023/2024 година. За претстојната академска година на факултетите на првиот и најголем универзитет во земјава има 10.473 слободни места.

Од нив, 5.074 се предвидени за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет и плаќаат партиципација во износ од 200 евра, 4.439 места се за редовни студенти со школарина кои плаќаат по 400 евра за една година, додека 960 места се предвидени за вонредни студенти.

Првиот рок за пријавување на кандидатите е 30 и 31 август, вториот рок е 18 и 19 септември, а третиот на 28 септември.

Проверката на знаења и умеења на факултетите каде е предвидена проверка ќе се одржи на 1 септември (прв рок) и 20 септември (втор рок).

Конечната ранг-листа, односно објавувањето на решение за прием на кандидатите ќе биде на 11 септември (прв рок) и 25 септември (втор рок) за оние студенти кои се рангираат само според успехот од средно образование, додека роковите за кандидатите на кои ќе им се проверуваат знаењата се 11 септември (прв рок) и 27 септември (втор рок).

Запишувањето на кандидатите е на 12 и 13 септември (прв рок), 26 септември (втор рок) и 30 септември (трет рок).

Исти се датумите и за запишување на кандидатите кои полагаат проверка на знаењата, со исклучок на вториот рок кој е 28 септември.

Проверка на знаењата и умеењата, и во оваа учебна година ќе се врши на Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ.

На Педагошкиот и на Природно-математичкиот факултет (наставни студиски програми) се врши претселекција на кандидатите по пат на интервју, која не се бодира.

Годинава најмногу слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – вкупно 1.150 слободни места, по што следува Правниот факултет „Јустинијан Први“ со 1.055 места, Природно-математичкиот со 1.050 слободни места и Филозофскиот факултет со 915 места.

Повеќе информации и Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во учебната 2023/2024 година може да се најдат на овој линк.