Радев: Бугарија е загрижена од ескалацијата во Македонија за договорот со името


Софија, 14 јуни, 2018 - 13:36 (META) 

Бугарија е многу загрижена од ескалацијата во Македонија во врска со договорот за новото име на државата, рече бугарскиот претседател Румен Радев на денешната прес-конференција во Софија, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Радев го повика Иванов да не биде само учесник, туку и водач во дијалогот меѓу институциите во Република Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа е важен услов за постигнување на стратешките приоритети – членство во ЕУ и НАТО.

– Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција за името, особено заради тоа што ќе ги отстрани пречките на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО – рече Радев.

Бугарската поддршка на договорот за името, како што истакна, е поврзана со стриктно почитување на договорите што Скопје и Атина ги имаат со Софија.

Иванов во Софија требаше да се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, но средбите во последен момент беа откажани. 


Борисов и Захариева ги откажаа средбите со Иванов


Софија, 14 јуни, 2018 - 11:05 (META) 

Бугарскиот премиер Бојко Борисов одбил да се сретне со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во закажаниот термин утре претпладне, а средбата ја откажала и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, со образложение дека бугарската влада не сака да биде вмешана во внатрешнополитичките дебати во Скопје, јави бугарската агенција „Фокус Њус“.

Потегот следи откако вчера претпладне Иванов по само две минути ја напушти средбата со македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која му беше доставен текстот на Договорот со Грција, а потоа попладнето договорот го нарече штетен и рече дека нема да го потпише.

„Не сакаме да се вмешуваме во внатрешните работи на соседната држава. Нашата позиција е принципиелна и е јасна, како и позицијата на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Република Македонија. Бугарската влада не гледа смисла во то да биде искористена во внатрешнополитичките дебати во Скопје. Клучна за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и таа не смее да се става под прашање“, гласи изјавата на Борисов што „Фокус Њус“ ја добил од бугарската влада.

Иванов и бугарскиот претседател Румен Радев во моментов имаат тет-а-тет средба, по што ќе одржат прес-конференција.

Инаку, вицепремиерката Захариева кратко пред пристигањето на македонскиот претседател во Софија го информирала Радев по телефон дека се откажани средбите што таа и премиерот требаше да ги имаат со Иванов.


Радев: Партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е во духот на Договорот за пријателство


Софија, 4 јуни, 2018 - 15:40 (META) 

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска прими делегација на Уставниот суд на Република Македонија предводена од претседателот на судот, Никола Ивановски, соопшти прес службата на претседателот.

Според Радев, партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е важен чекор за развојот на билатералните односи во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави.

Бугарскиот претседател посочил дека со потпишување на Договорот за добрососедство Бугарија и Македонија на сите земји од регионот им дадоа пример како проблемите можат да се надминат во име на дијалогот и разбирањето, а соработката меѓу уставните судови на двете држави го дава својот придонес.

– Важно е да покажеме дека овој договор функционира и притоа ние да се водиме од неговиот дух. Уставниот суд е гарант за владеењето на законот, а тоа е меѓу најважните услови за членството во Европската Унија. Уставните судови можат корисно да соработуваат и да го разменуваат своето искуство – изјавил Радев.

Радев ја искористил можноста да ги повика и мултидисциплинарните комисии на двете држави, што се занимаваат со решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија, да ја добијат неопходната поддршка во својата работа.

Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Никола Ивановски, го запознал бугарскиот претседател со работата, компетенциите и надлежностите на Уставниот суд. Тој се заблагодарил за сестраната поддршка на Бугарија како претседател на Советот на ЕУ и особено во однос на евроатлантската перспектива на Македонија.


Иванов – Радев: Самитот во Софија е можност за интеграција на Западен Балкан во ЕУ


Скопје, 6 мај, 2018 - 19:05 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска во Дојран имаше средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој е во работна посета на Македонија.

На средбата, според соопштението од кабинетот на Иванов,  било разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи, за интегративните процеси на Република Македонија и биле разменети мислења за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.

Претседателот Иванов изразил надеж дека Република Бугарија како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската Комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.

– Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици – рекол Иванов.

Бугарскиот претседател изразил задоволство од учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија на воената парада во Софија.

Иванов и Радев разговарале и за унапредување на безбедносната и армиската соработка и размениле мислења за активностите за справување со предизвиците од илегалната миграција, тероризмот и насилниот екстремизам.

Иванов на покана на Радев следниот месец ќе престојува во возвратна официјална посета на Бугарија.


Средба на Иванов и Радев в недела во Дојран


Дојран, 2 мај, 2018 - 17:06 (META) 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, в недела 6 мај во Дојран ќе има средба со бугарскиот претседател Румен Радев, информираат од кабинетот на македонскиот претседател.

Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов на покана на бугарскиот претседател Радев во јуни ќе биде во возвратна официјална посета на Република Бугарија, велат од кабинетот на Иванов.

Бугарскиот претседател Радев на 6 мај ќе присуствува на комеморативна церемонија во Ново Село.


Иванов – Радев: Решението за името не треба да биде на штета на трети страни


Скопје, 16 февруари, 2018 - 15:35 (META) 

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој денеска и утре е во официјална посета на земјава, изјави дека за Софија е исклучително важно името кое што ќе произлезе од преговорите меѓу Македонија и Грција, да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува дел од територијата на Бугарија.

– Решението на проблемот за името ќе се случи во директни и чесни преговори кои се водат меѓу Македонија и Грција. Но, се разбира, овие преговори не засегаат и нас, бугарската страна. За нас е важно новото име, што ќе произлезе од овие преговори, да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува дел од територијата на Бугарија. Јас се надевам дека ќе се изнајде разумно решение кое ќе ги задоволува сите страни – изјави Радев на заедничката прес-конференција со својот домаќин, македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

Македонскиот претседател рече дека го информирал својот бугарски колега за разговорите што ги имаме во рамките на Обединетите нации „за проблемот на нашата соседна држава со нашето уставно име“ и дека нашиот став е оти решението мора да биде во рамките на ОН и да се темели на Повелбата на ОН, на резолуциите на Советот за безбедност, на времената спогодба што ја имаме со Грција и со пресудата на Меѓунариодниот суд.

– Остануваме посветени да најдеме решение, но тоа решение не смее да биде на штета на трети држави и да вовлекуваме трети држави во овој билатерален проблем што го има Грција со нашето уставно име – изјави Иванов.

Инаку, на денешната средба меѓу двајцата претседали, Иванов соопшти дека била отворена темата за иницијатива склучување на договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Бугарија.

– Таков договор Македонија веќе има со САД и со Турција. Сметаме дека овој договор ќе ја потврди определбата за блиски односи меѓу нашите две земји – рече Иванов.

Иванов и Радев разговарале и за Стратегијата за проширување на ЕУ, и како што истакна македонскиот претседател релани се можностите на Македонија за време на претседавањето на Бугарија со Советот на ЕУ да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ и дека реално е да очекуваме покана за членство во НАТО на Самитот кој ќе биде летово.


Бугарскиот претседател Радев во официјална посета на Македонија


Скопје, 16 февруари, 2018 - 10:02 (META) 

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Македонија, на покана на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

Радев денеска претпладне ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на платото пред кабинетот на претседателот Иванов, а потоа двајцата ќе имаа тет-а-тет средба.

Радев и Иванов утре ќе имаат средба со претставници на стопанските комори на Македонија и на Бугарија.

Бугарскиот претседател во Македонија доаѓа во придружба на двајца митрополити, кои ќе бидат дел од неговата делегација. Како што е познато, Македонската православна црква – Охридска архиепископија побара Бугарската православна црква (БПЦ) да и стане Црква – мајка. Со Радев во земјава доаѓаат пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан.

Инаку, Радев во интервју за бугарската агенција БГНЕС, дадено во пресрет на посетата на Македонија, говорејќи за спорот за името, рече дека ова прашање треба да биде решено во полза на трите држави – Македонија, Грција и Бугарија.

– Бугарија секогаш се стремеше да и помага на Република Македонија и дел од таа помош е ние да не бидеме пречка, да не го оптоваруваме овој спор, кој треба да се реши меѓу Македонија и Грција. Во тој поглед, може да се смета на нас. Но јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се најде решение на најдобар можен начин – изјави Радев.


Димитров од утре во Бугарија на средби со Борисов, Радев и Захариева


Скопје, 13 февруари, 2018 - 14:07 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, од утре до 16 февруари ќе престојува во работна посета на Бугарија, соопшти Министерството за надворешни работи.

За време на посетата е предвидено тој да има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

„Во рамки на билатералната средба со министерката Захариева, која е закажана за утре, предвидено е министрите да извршат размена на ратификациони документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со што и практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во Собранието на Република Македонија, на 15 јануари 2018, и во Националното Собрание на Република Бугарија на 18 јануари 2018“, стои во соопштението.

Од МНР информираат и дека на покана на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), Димитров на 15 и 16 февруари ќе учествува и на неформалниот состанок на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција – Гимних што ќе се одржи во Бугарија.

Дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на соработката и партнерството во областа на безбедноста и одбраната.


Радев: Договорот за добрососедство дава силен сигнал за позитивниот развој на Балканот


Софија, 15 јануари, 2018 - 19:31 (META) 

Бугарскиот претседател, Румен Радев ја поздрави ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија.

– Договорот, кој е резултат на долгогодишните напори на дипломати и државници, отвора нова европска страница во односите помеѓу двете земји. Ратификацијата на документот се случува во момент кога Бугарија претседава со Советот на ЕУ. Тоа има огромно значење за бугарско-македонските односи и дава силен сигнал за позитивниот развој на Балканот, што го приближува регионот кон Европа, имајќи ги предвид приоритетите на бугарското претседателство – се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател.

Претседателот Радев повикува за стриктно исполнување на условите наведени во Договорот, како и за започнување на сите проекти кои ќе бидат корисни за граѓаните.


БПЦ ќе бара начин успешно да се реши прашањето на МПЦ, порача патријархот Неофит


Софија, 23 ноември, 2017 - 19:21 (META) 

Светиот синод на Бугарската православна црква ќе расправа за барањето на Македонската православна црква, соопшти бургаскиот патријарх Неофит, додавајќи дека БПЦ за автокефалноста на МПЦ ќе разговара и со другите помесни православни цркви.

Патријархот Неофит го запознал бугарскиот претседател Румен Радев со писмото на МПЦ, во кое се бара евхаристичкото единство на БПЦ со МПЦ. Патријархот и претседателот констатирале дека Бугарија и БПЦ се единствени во желбата за развој и за продлабочување на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Патријархот Неофит го уверил Радев во добрата волја на бугарската патријаршија да се бараат патишта за успешно решавање на ова прашање.