„Иван Михајлов“ од Битола избришан од Централен регистар, официјална Софија реагира

-

Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола од денеска не постои како правно лице во земјава. Тоа беше избришано од Централниот регистар (ЦР), откако вчера Министерството за правда до ЦР доставило Решение за неусогласеност на здружението со член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, извести ЦР.

Одлуката на Министерството за правда се темели на претходно издаденото мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности, формирана од министерот за правда, која заклучи дека името на ова здружение е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.

Официјално Софија се огласи со осуда. Бугарското министерство за надворешни работи (МНР) го оквалификува како непринципиелно и тенденциозно решението за бришење на здружението „Иван Михајлов“ од ЦР. Беше порачано дека со ваквите постапки Северна Македонија ги ограничува правата за здружување и слободно изразување од страна на бугарската заедница во земјава.

Заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев порача дека не се изнесени реални аргументи за ваквата одлука, пренесува Бугарското национално радио (БНР).

„Институциите во Скопје не изнесоа реални аргументи за оспорувањето на регистрацијата на бугарските здруженија. Својата одлука ја донеле исклучиво и само преку непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Фактот дека убедувањата на Бугарите во Северна Македонија не се компатибилни со актуелната официјална идеолошка доктрина во оваа земја не значи дека овие убедувања се неспоиви со демократските принципи и правниот поредок“, вели бугарскиот заменик-министер за надворешни работи.

Коџабашев не се согласува со македонските оценки за Ванчо Михајлов. Според него, тие „се насочени кон зачувување на монополот на една перфидна и ревизионистичка интерпретација на заедничката историја“, а бугарскиот заменик-министер за надворешни работи исто така смета дека се неосновани обвинувањата за антисемитизам, пренесува БНР.

Според Коџабашев, властите во Скопје презеле јасни ангажмани за активности што на Бугарите ќе им обезбедат ефикасен пристап до еднакви права како сите други, заштита од дискриминација и зачувување на културното наследство и идентитет, но тоа не се случувало.

„Бугарија сѐ уште очекува информација и ефикасно правосудство за извршителите на големиот број напади врз здруженијата на Бугарите во Северна Македонија, особено за пукањето по клубот во Охрид. Бавната правда е во силен контраст со брзината со којашто беше усвоен законот и беа затворени бугарските здруженија“, порача бугарскиот заменик-министер, мислејќи на измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии кои беа изгласани во Собранието на 2 ноември минатата година.

„Обвинувањата за антисемитизам се особено неосновани. Самиот Иван Михајлов, неговата околина и раководството на ВМРО постојано имаа почитувачки и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од државата Израел“, нагласува бугарското МНР.

Од Брисел реагираше и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој, пред почетокот на состанокот на Европскиот совет, порача дека одлуката да се затвори клубот „Иван Михајлов“ од Битола е „израз на немоќ и паника“.

„Ова одекнува многу лошо во ЕУ. Оваа одлука е израз на паника и немоќ, бидејќи властите во Република Северна Македонија мора конечно да признаат дека има македонски Бугари и бугарско присуство во Северна Македонија не од сега, туку со векови – цели 1.300 години. И бришењето на имињата на бугарските клубови нема да ја избрише цврстата определба на Бугарија и нашите европски партнери, Република Северна Македонија, да ги вклучи Бугарите во уставот“, рече тој.

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...