На една недела пред изборите, во Бугарија неизвесно дали ќе се формира нова влада

Доколку не се формира коалиција меѓу партиите што ќе има мнозинство во Бугарското собрание, извесно е дека земјата ја чека нова службена влада што ќе ја предложи претседателот Радев

Фото: Веб-страница на Народното Собрание на Република Бугарија; https://www.parliament.bg/bg/news/ID/5659

Една недела пред одржувањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија, неизвесно е дали гласањето на граѓаните закажано за 2 април ќе доведе до формирање на нова бугарска влада. Претстојните избори ќе бидат петти по ред парламентарни избори во рок од две години, бидејќи по сите досегашни резултати на изборите ниту една пратеничка листа не успеа да формира влада. За сметка на ова, со Бугарија раководи службена влада што ја назначува претседателот Румен Радев.

Најновата анкета на бугарската агенција Медиана спроведена во периодот меѓу 17 и 22 март покажува дека седум партии и коалиции би можело да добијат пратеници во новиот состав на бугарското собрание. Најмногу гласови на изборите на 2 април се очекува да добие коалицијата меѓу ГЕРБ и СДС, за која би гласале 24,7 отсто од анкетираните лица. Веднаш по неа, следи коалицијата меѓу Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија која би освоила поддршка од 23,1 отсто кај гласачите, пишува БТВ Новините.

Проруската партија „Преродба“ би била трета по големина партија во идното бугарско собрание, при што анкетата покажува дека за неа би гласале 14,5 отсто од гласачите. Движењето за права и слободи (ДПС) како некогашен сојузник на поранешниот премиер Бојко Борисов се очекува да освои 13,2 отсто од гласовите. Бугарската социјалистичка партија има поддршка од 8,6 отсто од гласачите, додека анкетата покажа и поддршка од 4,5 отсто за партијата „Бугарски подем“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев и поддршка од 4,3 отсто за новоформираната партија „Левица“.

Ваквите резултати од предизборните мерења оставаат тежок простор за маневар меѓу партиите за постизборно коалицирање по одржувањето на парламентарните избори. За партијата „Левица“ уште пред одржувањето на изборите, во бугарската јавност се говореше дека е блиска до претседателот Румен Радев, што нејзините основачи го демантираа. Самиот Стефан Јанев од партијата „Бугарски подем“ пак беше претходно назначен за технички премиер од Радев.

Анкетните резултати покажуваат дека Бугарија е пред нова неизвесност за формирање на влада, која ќе треба да управува со земјата во наредните четири години. Доколку не се формира коалиција меѓу партиите што ќе има мнозинство во бугарското собрание, извесно е дека земјата ја чека нова службена влада што ќе ја предложи претседателот Румен Радев.