Како што и беше најавено, денеска откако претседателот на Бугарија Румен Радев го врачи вториот по ред мандат за составување нова влада, тој експресно му беше вратен. ГЕРБ, втората парламентарна сила, како што повеќепати претходно најави, го врати мандатот, јави mediapool.bg.
Претседателката на парламентарната група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, го врати вториот мандат за формирање влада, откако во саботата првиот мандат го врати „Продолжуваме со промената“, која сега раководи со владата во оставка, а која стапи на функција пред нешто повеќе од половина година.
На излегување од претседателскиот кабинет, Атанасова рече дека нема промени во тесната коалиција ГЕРБ и СДС и дека тие сакаат предвремени избори.
Пред да го врачи и третиот мандат за формирање влада – кој ќе биде конечен, и ако и тој мандат не биде исполнет, Радев ќе мора да го распушти парламентот и да распише предвремени избори – бугарскиот претседател најави дека ќе направи уште еден круг консултации, што ќе се случува утре. Консултациите ќе се вршат со сите парламентарни групи.
Третиот мандат е поразличен од првите два не само по тоа што ќе има избор на кого да го даде, туку и со уште нешто. Ако за првита два мандата нема рок за врачување, но има за враќање – 7 дена, за третиот е спротивното. Независно која парламентарна група ќе го добие третиот мандат, ако не се стигне до консензус за мнозинство, таа ќе има можност да „тапка“ во место и така да го продолжи мандатот на парламентот, за да може да бидат донесени некои измени на закони, објаснува mediapool.bg.