!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОН ќе го санкционираат севернокорејското лансирање ракета


Њујорк, 16 мај, 2017 - 10:47 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди најновото ракетно тестирање на Северна Кореја, истакнувајќи дека ќе преземе нови мерки, вклучително и санкции поради дестабилизирачкото однесување на Пјонгјанг.

Во соопштението, кое е едногласно усвоено, Советот за безбедност на ОН истакнува дека е многу важно Северна Кореја веднаш да покаже искрена посветеност на процесот на намалување на нуклеарното вооружување низ конкретни акции.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја осуди најновата ракетна проба на Северна Кореја и го повика Пјонгјанг да примени ограничување на нуклеарното вооружување.

– Со овој чин се прекршени резолуциите на Советот за безбедност и таа акција преставува закана по мирот и безбедноста во регионот – наведе Гутереш.

Северна Кореја потврди дека во неделата тестирала нов вид на ракета, наведувајќи дека станува збор за ракетата „хвасонг-12“ со среден до долг домет.

Вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН го свикаа САД и Јапонија.


Северна Кореја повторно лансираше балистички ракети


Пјонгјанг, 22 јуни, 2016 - 9:50 (META) 

Северна Кореја тестираше две балистички ракети од источното крајбрежје, пренесуваат светските медиуми.

Како што соопшти војската на Јужна Кореја, се верува дека станува збор за ракети со среден дострел.

Лансирањето на ракетите го забележала и американската војска, која соопшти дека нејзините сателити детектирале истрелување ракети, кои паднале во водите на Јапонското Море.


Успешно лансирана правата ракета од новиот руски космодром


Москва, 28 април, 2016 - 11:30 (META) 

Ракета „Сојуз 2“, која во орбитата околу Земјата однела три научни сателита, утрово успешно полета од новиот руски космодром Восточни.

Тоа е прво лансирање на ракета од овој космодром, изграден за Русија да ја намали својата зависност од Казахстан.

„Ракетата успешно полетала во предвиденото време, точно во 11.01 по локално време“, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос и додаде дека сателитите веќе се во орбитата.

Руските телевизии емитуваа снимка од полетувањето на ракетата, а на лансирањето присуствуваше и рускиот претседател Владимир Путин.


Пјонгјанг лансирал ракета од подморница


Пјонгјанг, 23 април, 2016 - 14:38 (META) 

Јужнокорејската војска тврди дека Северна Кореја лансирала балистичка ракета од подморница.

Ова го објави јужнокорејската агенција „Јонхап“, која претходно јави дека Сеул се подготвува за уште еден севернокорејски нуклеарен тест, петти по ред, затоа што забележала активност на возила и на луѓе на полигонот за нуклеарно тестирање Пунџе-ри.

„Јонхап“ потсетува дека сверенокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на 15 март објави дека во краток рок ќе бидат изведени тестови за детонација на нуклеарни боеви глави за дополнително да се подобри способноста за нуклеарниот напад кој би го извел Пјонгјанг.

Јужна Кореја не очекувала дека лансирањето на ракетите ќе биде направено пред понеделник.


Северна Кореја лансираше ракета со долг дострел во вселената


Вашингтон, 7 февруари, 2016 - 14:06 (META) 

Северна Кореја рано утрово лансираше ракета со долг дострел во вселената. Тоа предизвика загриженост кај соседите на оваа земја и во Вашингтон, поради можноста Северна Креја да располага и да тестира нуклеарно оружје.

Државната телевизија на Северна Кореја соопшти дека лансирањето во вселената наредено од Ким Јонг Ун било „целосен успех.“

Јужнокорејските и американските воени претставници соопштија дека лансирањето е маска за тестирање балистички проектил кој може да носи нуклеарна боева глава, тест кој е забранет со бројни резолуции на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, лансирањето го нарече „длабоко непристојно“ и истакна дека била користена балистичка ракетна технологија. Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН на барање на САД, Јужна Кореја и на Јапонија, закажа итен состанок за попладнево за да се дискутира за можностите за нови санкции од ОН.

Лансирањето следува по тврдењето на Северна Кореја во јануари дека тестирала хидрогенска бомба.


„Спејс екс“ успешно ја лансираше и вертикално ја приземји ракетата „Фалкон 9“


Кејп Канаверал, 22 декември, 2015 - 10:09 (META) 

Американската компанија за вселенска технологија „Спејс екс“ (Space X) ноќеска успешно ја лансираше, а потоа ја приземји во исправена положба својата ракета без екипаж, што е прв ваков подвиг во историјата.

Пред да се спушти во вертикална позиција во Кејп Канаверал на Флорида, ракетата „Фалкон 9“ испорачала 11 комуникациски сателити во орбитата на Земјата.

Ова достигнување, како што пренесува „Би-Би-Си“, е поздравено и означено како пресвртница во употребата на ракетната технологија за вселенски цели.

Лансирањето на „Фалкон 9“ е прва успешна мисија на „Спејс екс“ откако во предходниот обид во јуни годинава нивната ракета експлодира кратко по полетувањето.

Ракетата ноќеска околу 2.20 часот била беспрекорно лансирана од главната лансирна рампа во Кејп Канаверал, а се вратила десетина минути подоцна, слетувајќи на околу 9,65 километри јужно од местото на лансирање.

Успешното лансирање на „Фалкон 9“ е огромен успех за приватната компанија за вселенски технологии од Калифорнија, „Спејс екс“, основана и управувана од Илон Маск.


Египетската војска за малку ќе срушела британски авион


Лондон, 7 ноември, 2015 - 11:07 (META) 

Британски авион со 189 патници, кој летал од Лондон, во август годинава за малку одбегнал ракета во текот на слетувањето во Шарм ел Шеик, пишува „Дејли мејл“.

Инцидентот се случил на 23 август, два месеци пред падот на рускиот „ербас А321“ на Синајскиот Полуостров.

Екипажот на авионската компанија „Томсон“ бил принуден да преземе итни мерки во текот на слетувањата, откако ја забележале ракетата. Како што соопштува изворот на „Дејли мејл“, пилотот на авионот успеал да го промени курсот на летањето и да го сврти авионот налево.

Тогаш ракетата прелетала 300 метри од авионот.

За инцидентот знаеле само пет членови на екипажот, а подоцна им било соопштено дека ракетата ја лансирала египетската војска во текот на воените вежби.

Патниците не знаеле дека за влакно избегнале смрт, а членовите на екипажот не им соопштиле за да не предизвикаат паника. Одделот за транспорт ја потврдил информацијата за настанот.

Владата на Велика Британија на 5 ноември го суспендираше авиосообраќаот со египетски Шарм ел Шеик заради безбедност на патниците по падот на рускиот авион.


Јапонска ракета стигна на Меѓународната вселенска станица


Токио, 25 август, 2015 - 11:15 (META) 

Јапонска ракета Х-2Б утринава стигна на Меѓународната вселенска станица со намирници и други потребни продукти наменети за астронаутите на таа станица, соопшти јапонската вселенска агенција.

– Ракетата успешно слета во 2 и 28 по јапонско време – се наведува во соопштението во кое се додава дека целата операција за слетување ја надгледувале јапонските космонаути Кими Јуи и Коиџи Ваката.

Ракетата која носела 5,5 тони опрема и намирници, лансирана е на 19 август.

Х-2Б ќе се врати на земјата за 45 дена и ќе донесе ѓубре и непотребна опрема од станицата.
Меѓународната вселенска станица е проект на шест вселенски агенции – САД, Русија, Јапонија, Канада, Бразил и Европска унија. Станицата се наоѓа во таканаречената „ниска орбита“ околу Земјата на висина од 360 киломентри.

Таа ја обиколува Земјата 16 пати за 24 саати.


Руски вселенски брод на пат кон Меѓународната вселенска станица


Москва, 3 јули, 2015 - 14:22 (META) 

Руска вселенска ракета од типот „Сојуз“, која носи товарен брод без човечки екипаж, денеска успешно полетала од космодромот „Бајконур“ во Казакстан и е на пат кон Меѓународната вселенска станица, јавуваат светските агенции.

Лансирањето на „Сојуз“ поминало беспрекорно. Ракетата го однела бродот „Прогрес М-28М“ во назначената орбита, на безбеден пат кон вселенската станица, со која, според планираното, треба да се спои в недела.

На Меѓународната вселенска станица се наоѓаат двајца руски и еден астронаут на американската вселенска агенција НАСА, кои се нетрпение го очекуваат товарниот брод, откако предходните две мисии за носење резерви на станицата завршија со неуспех.

Од руската вселенска агенција „Роскосмос“ соопштиле дека бродот носи 2,4 тони гориво, кислород, вода, храна и други продукти за екипажот на станицата.

Претходнот обид за лансирање на „Прогрес“, во април, годинава, заврши со неуспех, а идентичен исход имаше и обидот пред шест дена, кога ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс икс“ експлодира само неколку минути по полетувањето од „Кејп Канаверал“ на Флорида.
На ова му претходеше и неуспешното лансирање на ракетата „Антарес“ на „Орбитал саенс“, во октомври минатата година, која, исто така, носеше товар за НАСА.


Ракетата на „Спејс икс“ експлодира веднаш по лансирањето од „Кејп Канаверал“


Кејп Канаверал, 29 јуни, 2015 - 10:45 (META) 

Американската вселенска ракета на „Спејс икс“, „Фалкон 9“, која требаше да однесе товарен брод на Меѓународната вселенска станица, се распадна во пламен само некоку минути по полетувањето од „Кејп Канаверал“ во Флорида, САД, пренесоа светските медиуми.

Делови од „Спејс икс“ паднале во Атлантскиот Океан.

Од американската влесенска агенција (НАСА) изјавиле дека продуктите за Меѓународната вселенска станица биле целосно уништени, но тоа нема да се одрази на екипажот на станицата, кој е обезбеден.

Тројцата астронаути имаат доволно храна, вода и опрема за потребните операции на станицата до крајот на октомври, а во меѓувреме треба да бидат посетени од руски и од јапонски екипи.

Како што пренесуваат медиумите, проблемот се случил 139 секунди по лансирањето, непосредно пред првата фаза, кога ракетата требало да се одвои од горниот дел на „Фалкон 9“.

„Имало прекумерен притисок во резервоарот за течен кислород во горниот дел“, напишал на „Твитер“, претседателот на „Спејс икс“, Елон Маск.

Компанијата на Маск ќе спроведен истрага за паѓањето на ракетата, која ќе биде надгледувана од Федералната авијациска администрација (ФАА) на САД, која има склучено комерцијален договор со калифорниската компанија за снабдување на Меѓународната вселенска станица.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, ова значи дека во блиска иднина нема да има нови лансирања на „Фалкон 9“.