Во вселената со ракетата Ариана денеска беше лансиран телескопот „Џејмс Веб“, чии проектирање и изградба траеја 30 години и тој претставува веројатно најсофистицираната технолошка направа за 21. век.
Ракетата се вивна во вселената пред неколку часа од космодромот во Француска Гвајана, а пристигнувањето на одредената орбита беше успешно.
Мисијата на телескопот е да открие тајни за вселената и нејзиното настанување по Големата експлозија коишто човекот досега не успеал да ги осознае.
Се смета дека телескопот Веб е директен наследник на „Хабл“ чие лансирање беше пред 31 година.
Двете инженерски чуда се разликуваат во тоа што „Џејмс Веб“ ќе функционира на температура од – 230 Целзиусови степени, за разлика од неговиот претходник, на кој за функционирање му беше потребна температура од 20 степени.
Дијаметарот на огледалата на „Џејмс Веб“ е 6,5 метри што е речиси 3 метри пошироко од претходните на Хабл. Неговите инфрацрвени камери ќе им овозможат на астронаутите да погледнат назад низ времето, што никогаш досега не било возможно, односно да ги видат првите галаксии формирани стотици милиони години по Големата експлозија.
Софистицираниот вселенски телескопт на кој работеа тим научници од три вселенски агенции, НАСА, Европската вселенска агенција и Канадската агенција е структура која содржи цела мрежа од 18 поврзани златни огледала, преку кои телескопот ќе собира што е можно повеќе светлост од небеските тела. Оваа мрежа ќе се отвори во вселената и првите снимки е предвидено да стигнат по шест месеци од денешното пристигнување во орбитата Телескопот од сончевата топлина го штити специјален повеќеслоен соларен штит што исто така треба да се расклопи.
„Џејмс Веб“ е именуван по еден од основоположниците на вселенската програма „Аполо“ за истражување на Месечината. Изградбата на телескопот во текот на долго време „потроши“ 10 милијарди долари.