Четворица астронаути полетаа од Флорида, САД кон нивната прва мисија во орбитата на Земјата. Екипажот на „Inspiration4“, составен од еден милијардер и тројца „обични граѓани“ полета од вселенскиот центар Кенеди со капсулата „Драгон“ на ракетната компанија „Спејс Екс“, јави „Би-би-си“.
Екипажот на „Inspiration4“ следните три дена ќе ги помине кружејќи околу Земјата. Тие имале шестмесечна интензивна обука со „Спејс Екс“, но нивната капсула сепак ќе биде надгледувана од тимови на компанијата и контролирана од вградените компјутерски системи.
Капсулата „Драгон“ нема да помине во близина на Меѓународната вселенска станица, туку ќе замине на слободен лет до целната височина од 575 километри.
Летот „Inspiration4“ од „Спејс Екс“ го купил милијардерот Џеред Ајзекмен, кој своето богатство го направил развивајќи системи за обработка на плаќања со кредитни картички. Наместо на патувањето да замине со свои пријатели или познаници, Ајзекмен одлучил на летот да му даде вистинска цел, па трите останати седишта им ги доделил на луѓе со инспиративни приказни.
Така, на летот се наоѓа и 29-годишната Хејли Арцено, која како дете го победила ракот на коските, а потоа како возрасна се вратила да работи во детската истражувачка болница „Сент Џуд“ во Тенеси, САД, каде што претходно се излекувала.
Сиан Проктор, која има 51 година, е геонаучник и научен комуникатор, а своето место на летот го освоила преку нејзината улога како уметник и преку демонстрирањето на нејзините претприемачки вештини. Пред летот изјавила дека планира да наслика нешто во вселената, додека гледа низ прозорецот на капсулата „Драгон“.
Крис Семброски е ветеран на американското воздухопловство и работи како инженер во воздухопловна компанија. Тој донирал средства за детската болница „Сент Џуд“, што му овозможило да влезе во лотаријата за четвртата позиција во екипажот. Интересно во приказната е што тој всушност не бил добитник на лотаријата, туку местото го добил, а потоа му го отстапил негов близок пријател.
„Спејс Екс“ го опиша вчерашното лансирање како прва „целосно цивилна мисија во орбитата“.
Ова е уште една пресвртница на пазарот за вселенски туризам, кој повторно заживува по пауза од една деценија. Претходно летово, милијардерите Ричард Бренсон и Џеф Безос летаа над атмосферата на Земјата со сопствени вселенски возила.
Во 2000-те години неколку богати личности поминаа две недели на Меѓународната вселенска станица, но таа ера на вселенски туризам заврши во 2009 година, кога резервните седишта на руските ракети беа откупени за ексклузивна употреба на астронаутите од НАСА.
Вселенската активност и човековите вселенски летови стануваат сè повеќе комерцијални, а идејата дека луѓето можат да заминат во орбитата на Земјата надвор од надлежностите на главните национални вселенски агенции сè повеќе се прифаќа како нешто нормално, додава „Би-би-си“.
Основачот и директор на „Спејс Екс“, Илон Маск, неколку пати изјави дека има намера да ги направи луѓето „меѓупланетарни суштества“.