Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска одржа прес-конференција по вчерашниот инцидент во Полска, во кој животот го загубија две лица. Столтенберг изјави дека нема индиции оти истреланиот проектил бил намерен напад од Русија или дека Русија подготвува воена акција против НАТО алијансата, пишува Би-би-си.
Столтенберг додаде дека експлозијата во Полска најверојатно била предизвикана од украинската воздушна одбрана, но истрагата е во тек. Сепак, НАТО не го смета овој настан за вина на Украина, бидејќи земјата има право да се брани.
Наместо тоа, генералниот секретар на НАТО рече дека Русија ја сноси „крајната одговорност“ за нападот во Полска, поради нејзината инвазија на Украина. Тонот на Столтенберг во текот на целата конференција беше смирен и деескалирачки и тој ги повтори повиците Русија да ја прекине својата инвазија.
Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека нема знаци за намерен напад, откако вчера истрелан проектил погоди фарма на село во близина на границата со Украина, при што загинаа две лица, пишува Би-би-си.
Претходно, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е „малку веројатно“ дека проектилот бил истрелан од Русија.
Руските власти велат дека нема никаква врска со нивната смрт со истреланиот проектил во Полска.
Полска првично рече дека ракетата што паднала во Пржеводов била руско производство.
Додека полските истражители го пребаруваа местото на ракетниот напад, амбасадорите на НАТО претпладнево се состанаа во Брисел за да проценат како да реагираат на вчерашниот чин.
Според украинските власти, во вторникот биле истрелани повеќе од 90 руски проектили кон Украина. Украинската војска соопшти дека 77 ракети биле соборени, но некои од проектилите го погодиле Лвов, недалеку од западната граница на земјата со Полска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќето од ракетите истрелани од руските сили биле насочени кон енергетската инфраструктура на земјата.
Претседателот Володимир Зеленски првично ја обвини Русија за експлозијата во Полска. Сепак, Би-би-си ги пренесува и изјавите на украинските власти дека се подготвени за да спроведат заедничка истрага за инцидентот во Полска, додавајќи дека бараат пристап до местото на експлозијата.