Кинеската ракета „Лонг Марч 5Б“ вчера со неконтролиран пад се врати на Земјата, откако минатата недела (24 јули) се подигна во атмосферата.
Претходно Кина не сподели информации околу тоа каде ќе слета ракетата и за тоа доби критика од американското министерство за одбрана.
Откако се случи падот, вселенската команда на САД потврди дека „Лонг Марч 5Б“ е повторно во атмосферата на Земјата над Индискиот океан, но сите прашања во врска со потенцијалниот повторен пад и можното растурање на деловите ги упатија кон Кина.
„Лонг Марч 5Б“ минатата недела беше искористена за да пренесе вселенско летало без екипаж наречено „Вентиан“ што го носи вториот од трите модули што се потребни за Кина да ја заврши изградбата на својата најнова вселенска станица – „Тиангонг“.
Кинеската вселенска агенција соопшти дека најголемиот дел од остатоците од ракетата изгореле во атмосферата на Земјата.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон го критикуваше Пекинг во саботата, со тоа што рече дека не споделувањето на информации во врска со локацијата на слетувањето на ракетата е неодговорно и ризично.
„Сите кои одбираат да патуваат во вселената, сите нации подеднакво треба да ги следат воспоставените практики и со тоа да го споделат овој тип на информации однапред. Тоа е со цел да се овозможи предвидување на потенцијалниот ризик од удар, особено за тешки возила како што е „Лонг Марч 5Б“ што носи значаен ризик за загуба на човечки животи и имот. Тоа е клучно за одговорно користење на вселената и воедно обезбедување безбедност на луѓето овде на Земјата“, напиша Нелсон на неговиот Твитер профил.
Минатата недела, аналитичарите оценија дека ракетата ќе се распадне додека минува низ атмосферата, но дека објектот е толку голем што бројни делови можат да го издржат падот и да се срушат како дожд од вселенски отпад на површина долга околу 2.000 километри и широка околу 70 километри.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш. Власите во Кина, претходно неделава соопштија дека внимателно ќе го следат отпадот од ракетата, но и дека истиот претставува минимална опасност за било кој човек на Земјата.