Со татнеж што го осветли ноќното небо, НАСА вчеравечер ја испрати својата „СЛС“ ракета во вселената. Ракетата полета во 1,47 часот по средноевропско време од Кејп Канаверал, Флорида, сигнализирајќи го почетокот на новата ера за вселенската програма на американската влада.
„Врџ“ пишува дека ова претставува голем успех за мисијата Артемида, со која НАСА има за цел да се врати на Месечината, по неколку години одложувања, неуспеси во развојот и пречекорување на буџетот од неколку милијарди долари.
Во текот на изминативе неколку месеци, ураганите во САД и техничките потешкотии предизвикаа одложување на лансирањето.
Синоќешното лансирање беше првата етапа од мисијата, за која е планирано капсулата Орион да патува околу 64.000 километри подалеку од Месечината и да се врати на Земјата по 25 дена.
„Позната како Артемида 1, мисијата е критичен дел од пристапот кон истражувањето на НАСА од Месечината до Марс, со кое агенцијата истражува за доброто на човештвото. Ова е важен тест за агенцијата пред да полетаат и астронаути на мисијата Артемида 2“, велат од НАСА.
Ракетата „СЛС“ ја носеше капсулата Орион на надморска височина од нешто под 4.000 километри пред двете летала да се разделат, а основниот дел од ракетата да падне назад на Земјата, во Тихиот Океан.
По неколкудневно орбитирање, планирано е капсулата да се спушти во океанот на 11 декември. За оваа мисија, Орион нема екипаж.
We are going.
For the first time, the @NASA_SLS rocket and @NASA_Orion fly together. #Artemis I begins a new chapter in human lunar exploration. pic.twitter.com/vmC64Qgft9
— NASA (@NASA) November 16, 2022
Денешното лансирање следува по три одлагања претходниве месеци. Во август и септември лансирањето беше откажано откако инженерите открија проблеми во системите за ладење на ракетниот погон, како и истекување на горивото. Во октомври, пак, мисијата беше одложена откако Флорида беше зафатена од ураган.
Една од главните цели на овој лет е тестирање на топлинскиот штит на Орион кој ќе мора да издржи температури од 2.800 Целзиусови степени додека влегува во атмосферата на Земјата. Покрај тоа, НАСА ќе ја тестира и заштитата од радијација, сензорите и опремата за навигација и комуникација.