Одрон на патот Тетово – Попова Шапка, сообраќајот се одвива по една лента


Скопје, 14 февруари, 2018 - 19:52 (META) 

Сообраќајот на патниот правец Тетово – Попова Шапка се одвива по една лента поради одрон на патот, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а нa повисоките места има остатоци од кашeст снег.

Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци Кочани –  Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


ЦЕА: Пратениците и обвинителите треба повеќе да ги користат ревизорските извештаи


Скопје, 5 февруари, 2018 - 16:53 (META) 

Пратениците, во нивната работа во Собранието, повеќе да ги користат извештаите на ревизорите, се вели во извештајот од следењето на работата на Државниот завод за ревизија, спроведен во рамките на проектот „Подобрување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“.

Ревизорските извештаи недоволно се користат и од страна на обвинителите, кои не отвораат предистражни постапки врз база на наодите на ревизорите. Засега, не постои законска можност ревизорите да покренуваат судски постапки.

Неодамна и од Владата информираа дека институциите не постапуваат по однос на препораките на ревизорите, и тоа во следниот период ќе се менува. Ќе се формира ревизорски комитет во Владата, кој ќе ги прегледува извештаите и ќе дава соодветни препораки во однос на работата на државните институции.

„Забелешките не се однесуваат само на финансиското работење туку и на многу правни недостатоци, внатрешна погрешна организациска поставеност, отсуство на вработени во дадени сектори и слично“, информираше генералниот секретар на ДЗР, Александар Поповски.

Лани, ДЗР поднел ревизорски извештај до Основно јавно обвинителство за единицата на локална самоуправа Прилеп, Клиниката за пулмологија и алергологија и Клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар.

ДЗР поднел ревизорски извештаи до Комисијата за спречување на корупција за Универзитет за информатички науки и технологија „Св.Апостол Павле“ од Охрид и Клиниката за пулмологија и алергологија.

Со програмата за работа за оаа година, се предвидува да бидат спроведени 67 ревизии, што е за девет повеќе од лани.

„До донесувањето на програмата за работа биле поднесени вкупно 70 барања од различни субјекти за вршење на ревизија, што значи дека граѓаните се поттикнале да поднесуваат барања, доколку се сомневаат за нерегуларноста на работа на некои институции. Од вкупно доставените, 22 биле прифатени. Колку за споредба, во 2015 и 2016 година во ДРЗ биле пристигнати вкупно 22 барања од кои 16 биле прифатени“, информираше Габриела Димовска од Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Инаку, во процедура е избор на нов главен државен ревизор по истекувањето на деветгодишниот мандатот на претходниот ревизор Тања Таневска.


Утринава стапија на сила мерките на владата за заштита од загадувањето


Скопје, 27 декември, 2017 - 11:36 (META) 

Поради измерена висока концентрација на штетни честички во воздухот од над 200 микрограми на еден метар кубен на две места, од денеска стапуваат на сила мерките на владата за заштита од загадувањето, соопшти портпаролот на владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.

Бошњаковски соопшти дека мерките се стапени на сила од 9.30 утринава.

Тие меѓу другото предвидуваат бремените жени, лица со хронични заболувања и лица постари од 60 години да не одат на работа. Тие предвидуваат и намалување на цените или бесплатен градски превоз, зголемување на контролите на градилиштата, работа на градилиштата од 11-17 часот, како и контрола на МВР на движењето на товарните возила, односно да ја користат обиколницата.

Според Бошњаковски Град Скопје денеска ќе решава за оваа мерка и ќе излезе со информација во јавноста.

Прашан за автобускиот превоз Бошњаковски рече дека одлуката за намалување на цената на билетите или бесплатен превоз треба да ја донесат градските власти.


ТИ: Не се преземаат доволно активности за борба против корупцијата


Скопје, 22 декември, 2017 - 12:06 (META) 

Македонија и понатаму не презема доволни напори за исполнување на препораките на Групата на држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО), информираат од „Транспаренси интернешнл“ Македонија.

Во соопштението се додава дека, државата се уште не постапила адекватно за да отстрани низа забелешки дадени во извештајот на ГРЕКО, донесен пред четири години.

„Ова го потврдува и неодамна дадената изјава на претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела кој истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети“, се додава во соопштението.

Од „Транспаренси интернешнл“ велат дека, државата не презема доволно активности за борба против корупцијата согласно овие препораки, за што информирале и на почетокот на годината.

„Четири од препораките за кои недостасува имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието, а другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и јавното обвинителство. Денес, речиси една година подоцна,  работите не се поместени од точката на која што биле и тогаш“, се додава во соопштението.

„Транспаренси интернешнл“ ја повикува Владата сериозно да се зафати со исполнувањето на овие препораки, така што ќе формира посебен тим кој ќе го следи спроведувањето на овие препораки.


Повик за предлози и сугестии за новиот Закон за слободен пристап до информации


Скопје, 20 декември, 2017 - 15:24 (META) 

Министерството за правда заедно со Министерството за информатичко општество и администрација и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски ги повика граѓаните, граѓанските организации, медиумите, институциите и сите засегнати страни да даваат предлози и сугестии за предлог законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој во моментов се пишува.

Предлозите треба да ги содржат следните податоци: име и презиме на авторот на документот или предлогот, односно име и адреса на организацијата или институцијата, а треба да се достават до 15 јануари до Министерството за правда, на следната електронска адреса cabinet@mjustice.gov.mk.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Џафери – Хан: Приоритет на Собранието се реформите од препораките на Прибе


Скопје, 20 ноември, 2017 - 18:11 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го информирал еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, за тековните и за претстојните активности на Собранието на Република Македонија поврзани со реформските процеси, неопходни за добивање позитивна препорака за почнување преговори за членство во Европската Унија, информираат од кабинетот на Џафери.

„Од своја страна, еврокомесарот Хан подвлече дека од суштинско значење е донесувањето на закони неопходни за добивање позитивна евалуација на почетокот на следната година и го поздрави односот на претседателот на Собранието кон парламентарната опозиција и позитивните промени во земјата во насока на подготвување позитивен извештај за Република Македонија“, се вели во соопштението.

Претседателот Џафери изразил уверување дека приоритет во работата на Собранието до крајот на годината ќе биде донесувањето на пакетот реформски закони кои произлегуваат од препораките на Прибе.


Дефокусираните пратеници препораките на Мемети ги вратија на собраниска комисија


Скопје, 7 ноември, 2017 - 16:02 (META) 

Откако вчера Собранието на Република Македонија не ги изгласа препораките за надминување на констатираните состојби во извештајот на Народниот правобранител, односно имаше само 37 гласови „за“, еден воздржан и пет „против“, денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ и на коалицијата, Томислав Тунтев, се обиде да го „покрие“ тоа со деконцентрираност на пратениците. Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, пак, рече дека станува збор за техничка грешка.

Во меѓувреме, препораките денеска се на повторно разгледување, односно Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците повторно ќе ги разгледува и ќе ги утврдува мерките во нејзиниот извештај за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби, содржани во извештајот на Народниот правобранител.

Тунтев денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека пратениците биле во салата и имало кворум, но поради „немарност и дефокусираност“, не го стиснале копчето за гласање на точката за Народниот правобранител.

Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, рече дека малиот број присутни пратеници од ДУИ се должи на зафатеноста на пратениците.


Хелсиншки го повика Собранието да ги усвои препораките на Прибе за човековите права


Скопје, 7 ноември, 2017 - 11:53 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија побара пратениците во Собранието итно да ги изгласаат препораките од комисијата на Прибе за човековите права, содржани во Извештајот на народниот правобранител. Истото го побара и ВМРО-ДПМНЕ денеска, иако вчера во Собранието отсуствуваа најмногу пратеници од таа партија кога се гласаше за извештајот.

„Собранието на РМ одби да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител, бидејќи немаше доволно присутни пратеници. Апелираме до пратениците, особено до владејачкото мнозинство, во најкус можен рок да ги изгласаат мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител, каде се наведени препораките на Прибе. Во најмала рака е несериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за да се изгласаат вакви исклучително важни мерки“, се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, реагираше, но притоа ја обвини само пратеничката група на СДСМ, иако вчера на седницата кога требаше да се гласа, имаше едвај десетина пратеници на опозициската партија.

„Владата на СДС и Зоран Заев водат лажна грижа за заштита на човековите права. Доказ за тоа е одбивањето на парламентарното мнозинство на СДС да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител. Владата и Заев кои досега пред медиумите се прикажуваа за душегрижници за човековите права, сега не сакаат ниту да се дебатира за истото. Ова е уште еден пример за незаинтересираноста на Владата да разговара за унапредување на состојбите со човејковите права и за нивниот гол и лажен популизам“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


ЕУ: Новоизбраните градоначалници да придонесат за реформите


Скопје, 17 октомври, 2017 - 12:03 (META) 

Локалните избори што се одржаа на 15 октомври беа спроведени во натпреварувачка атмосфера, стои во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, во врска со изборите.

Во оценката на изборниот процес, ЕУ се повикува на првичниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и ги повикуваат властите во земјава ефективно да ги разгледаат препораките што ќе бидат испорачани од ОБСЕ/ОДИХР.

„Оценката на ОБСЕ/ОДИХР е дека локалните избори придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес и дека фундаменталните слободи на собир и на изразување беа целосно почитувани. Сепак, одредени веродостојни наводи за повреди на процесот беа нотирани во предизборниот период. Властите треба ефективно да ги разгледаат и да ги адресираат претстојните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Европската Унија е подготвена да помогне во овој процес. Земјата треба да го подготви вториот круг од изборите во дел од општините на 29 октомври и сите политички претставници треба да дејствуваат одговорно, а институциите да обезбедат услови за веродостоен и транспарентен изборен процес“, стои во соопштението.

Европската Унија ги охрабрува новоизбраните членови на локалните органи да придонесат во напредокот на реформската агенда што ќе ја приближи земјата кон ЕУ и додава дека Унијата ќе продолжи да ја поддржува земјата во реформскиот процес.


Заев – Гњатовскиј: Состојбите во затворите ќе се променат, според препораките на ЕУ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 11:09 (META) 

Поради односот на претходната влада, во врска со условите во македонските затвори и односот на полицијата, Македонија во март годинава била соочена со можноста да добие т.н. јавна изјава, која на препорака на Комитетот за превенција од тортура ја испорачува Советот на Европа на земјите што континуирано одбиваат да ги имплеменираат препораките на ова тело, со што се ставаат во редот на земјите што не ги почитуваат човековите права.

Ова на средба со премиерот Зоран Заев го истакнал претседателот на Комитетот со седиште во Стразбур, Микола Гњатовскиј.

„Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено поради искуството со претходната владина гарнитура, која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки кои произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата“, рекол Гњатовскиј, стои во владиното соопштение за средбата.

Заев, заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, и со директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, ги запознал претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура.

Премиерот ги информирал членовите на Комитетот дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот „Идризово“, била поттикната од „желбата лично и на самото место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и за третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години наназад домашните и меѓународните организации“.

– Ние ќе ги промениме овие состојби и ќе ги спроведеме препораките на Комитетот. Со тоа ќе им дадеме причина на делегатите во Советот на Европа дека Република Македонија не заслужува таква слика за неа. Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи заради нас, заради нашите граѓани“, истакнал Заев на средбата со Гњатовскиј.