fbpx

Стапуваат на сила препораките и мерките за надминат праг на алармирање на ПМ 10 честички во Кичево и Струмица

Согласно мерките и препораките, МЖСПП во соработка со Министерството за здравство се должни да им препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар

-

Прагот на алармирање на суспендираните честички со големина од 10 микрометри (ПМ 10 честички) е надминат на мерните места во Кичево и Струмица, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Поради ова, во овие два града ќе стапат на сила препораки и мерки.

Согласно мерките и препораките, МЖСПП во соработка со Министерството за здравство се должни да им препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Треба да им препорачаат на работодавците и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.

Министерствата треба да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Обврски има и Владата, која треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и АД во државна сопственост, како и Единиците на локална самоуправа да ја намалат употребата на службените возила за до 50 отсто.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците на локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Државниот инспекторат за животна средина, пак, треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

МЖСПП ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50%) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија.

Единиците на локалната самоуправа, пак, се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...