Расте бројот на онлајн купувања на македонските граѓани, а паралелно се множат и измамите на граѓани при купувањето на виртуелните продажни места на Интернет. Незадоволството на граѓаните од онлајн измами се шири преку постови на социјалните мрежи, но и се пријавува кај Организацијата на потрошувачи на Македонија и во Министерството за внатрешни работи. За да се избегне „празнењето” на кредитните картички преку измами, постојат неколку препораки кои треба да ги следиме како граѓани.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија за Мета.мк објаснуваат дека во делот на онлајн купувањето во 2021 и 2022 година имаат добиено над 420 поплаки од потрошувачи.
Од МВР велат дека во текот на 2022 година и првите три месеци од годинава биле поднесени вкупно 27 пријави за измами при нарачување на производи од Интернет, а по преземени мерки поднесени се девет кривични пријави за кривично дело „измама“.
Кои се најчестите форми на онлајн измами при купување?
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР бележи појава на интернет измами со нелегално преземање и измамничко посредување во деловната комуникација преку електронска пошта помеѓу македонски компании и нивните бизнис партнери од странски земји, претежно од Азија, Африка и од Латинска Америка.
Меѓународни криминални групи со примена на спам пораки, методи на фишинг и социјален инженеринг, успеваат да ја украдат лозинката за пристап до мејлот на бизнис партнери, по што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Потоа, како што објаснуваат од МВР, криминалните групи креираат нови мејл адреси кои минимално, односно за еден карактер се разликуваат од оригиналните и истите тешко се забележуваат во комуникацијата, на пример: [email protected] наместо [email protected] или [email protected] наместо [email protected].
„Организираните криминални групи со примена на “украдената” лозинка ја преземаат оригиналната порака, ја модифицираат и ја препраќаат од еден од лажно креираните емаил адреси. На тој начин двете страни во комуникацијата се ставени во заблуда дека комуницираат со вистинскиот партнер“, објаснуваат од МВР.
Најчесто измамниците, потоа се претставуваат како вистинскиот партнер – испорачател на договорената стока и му испраќаат порака на партнерот – набавувач дека ја имаат променето банкарската сметка за уплата на средства и бараат авансни средства да бидат уплатени на нова сметка која ја доставуваат во прилог на пораката.
Криминалните групи располагаат со банкарски сметки во различни земји, а многу често доколку некоја од сметките е блокирана, за краток рок доставуваат алтернативна сметка за уплата, го објаснуваат од МВР еден од начините на онлајн измама.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија пак објаснуваат дека при купувањето на Интернет посебно внимание треба да се обрне на продажбите на социјални мрежи (Фејсбук, Инстаграм и други) од нерегистрирани фирми или оние кои немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат сметка/фактура, гарантен лист или друга документација за производот.
„Бидејќи кај нас не се конкретно регулирани овие нелегални продажби на социјалните мрежи, за разлика од легалните онлајн продажби, нема механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп“, појаснуваат од Организацијата на потрошувачи.
Токму поради тоа, граѓаните се тие кои треба да внимаваат при купувањето на социјалните мрежи, бидејќи понатаму ќе имаат потешкотии за заштита на своите права.
За било каква злоупотреба на личните податоци, граѓаните треба истата да ја пријават до Агенцијата за заштита на личните податоци, додека злоупотребата на банкарските картички или слични измами треба веднаш да се пријави до Секторот за компјутерски криминал при МВР.
На што треба да внимаваме како потрошувачи при онлајн купувањето?
Граѓаните треба да направат динстинкција помеѓу легалната и нелегалната продажба на интернет. Во Македонија постојат закони за електронска трговија и за заштита на потрошувачите кои ја дефинираат онлајн продажбата, заедно со правата и обврските на двете страни, но овие закони се однесуваат само на оние трговци кои се регистрирани за вршење на онлајн продажба. Оттука, граѓаните треба да извршат добра проверка на виртуелното продажно место од каде што сакаат да купат нешто.
„При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи е потребно како потрошувачи однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда“, објаснуваат од Организацијата на потрошувачи.
Доколку не им е доставена фискална сметка, фактура или сметкопотврда, тогаш граѓаните немаат обврска да го подигнат производот, порачуваат од Организацијата на потрошувачи, препорачувајќи им на граѓаните да не потпаѓаат на бомбастични рекламни пораки на интернет, од примерот на: попуст само еден ден, гратис производи или акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд.
Од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија за Мета.мк велат дека креирале активности и мерки, со кои им помагаат на потрошувачите при носењето на одлуки за онлајн купувањето.
Во состав на платформата ecommerce4all.eu, го изработиле и прирачникот Заштита на правата на потрошувачите во С.Македонија, преку кој каде граѓаните прво можат да се запознаат со нивните права како потрошувачи и заштитата која им ја нуди законот. Креирале и Регистар од регистрирани е-трговци, преку која лесно да може да се провери дали компанијата од каде се купува е регистрирано правно лице и нуди е-плаќање. Над 100 е-продавници во земјава се имаат стекнато со Беџ за верификуван е-трговец, преку кој се поддржува негувањето политики и пракси кои се во корист на потрошувачите.
Проверката за веродостојноста, легитимноста и добрата работна практика на е-продавницата, велат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија е првиот чекор кој граѓаните треба да го преземат.
„Доколку сакате подетално да ја проверите компанијата од која нарачувате погледнете ги нивните: Политика за враќање на производ, Политика за колачиња, Политика за приватност и Условите за користење и дали сајтот е безбеден, односно дали поседува https протокол – катанчето лево од името на веб-сајтот во searchbar-от го покажува тоа“, потенцираат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија.
Од Асоцијацијата со совет до граѓаните – да ги читаат и рецензиите за оценка кои други купувачи ги оставаат кои задоволни/незадоволни клиенти за самата е-продавница, но и да проверат дали се јавно достапни податоците за правниот назив на компанијата и контакт податоците за нив. Исто така, препорака е граѓаните да се информираат и за условите за користење на веб-страницата, политиките за приватност и политиките за враќање на производи.
„Ова можеби изгледа како многу чекори кои треба да се преземат или нешто кое одзема време, но подобро е да се потрошат нецели пет минути во кои ќе се осигурате во исправноста и добрата работна практика на компанијата од која нарачувате, отколку да бидете измамени од некој нерегистриран и непознат субјект“, порачуваат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија.
НБРСМ: Трансакциите кон интернет продавници лани зголемени за 25 отсто
Македонските граѓани во 2022 година реализирале вкупни трансакции кон интернет продавници во земјава и странство во висина од 550,2 милиони евра, што претставува раст од 25 отсто во споредба со претходната година. Покрај потрошените средства, лани за 13 отсто пораснал и бројот на онлајн трансакции што биле направени од физичките лица, покажуваат податоците на Народната банка на РСМ (НБРСМ).
Купувањата кај домашните трговци на Интернет лани изнесувало вкупно 394 милиони евра, со што е забележат раст од 18 отсто во однос на 2021 година. Македонските граѓани пак во странство со картички во 2022 година оствариле трансакции во вредност од 156 милиони евра, односно забележано е зголемување од 46,3 отсто. Централната банка бележи и зголемување на бројот на новоотворени онлајн продавници за 14 отсто во 2022 година, односно отворени биле 269 нови продажни места на интернет.