Шаќири: Нема повеќе користење телефон на час, стручни тимови да разговараат со секое дете

Општините, во соработка со центрите за социјални работи да формираат стручни тимови кои ќе разговараат со секое дете, рече министерот за образование

Фото: Image by natureaddict from Pixabay

Сите училишта во Македонија да одржат состаноци со сите родители на тема „Подобрување на процесите, безбедност на организација и состојбите на училишните објекти и околината“. Да се отворат дискусии за тоа, дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, а родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците и да се размисли за надополнување на постоечкиот кодекс со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби. Освен тоа, секое училиште треба да направи протокол за начинот на користење на мобилните телефони, за време на часовите и во просториите на училиштата.

Ова се само дел од препораките кои  ги соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а за кои рече дека стапуваат на сила веднаш. Тие се дел од Информацијата за подобрување на процесите во однос на безбедноста и организацијата во основните и средните училишта во државата, која беше усвоена на денешната владина седница.

„На состаноците со родителите, родителите да се потсетат на своите законски обврски од Законот за семејство, во делот на одговорност во извршување на родителското право. Општините, во соработка со центрите за социјални работи да формираат стручни тимови кои ќе разговараат со секое дете. Стопирањето на употребата на мобилни телефони на час ќе поттикне повеќе дискусија и размена на идеи“, рече Шаќири.

Тој кажа дека сетот препораки кои се наменети за училиштата се усвоени во овој, како што рече, исклучително сензитивен период кога треба да се реагира правилно за да се превенира меѓуврсничко насилство.

„Исто така потребно е Државниот совет за превенција на детско престапништво да достави информација за работата. Во кризни ситуации менаџментите и наставниците да одговорат соодветно и да влијаат на менталната состојба на младите и да ја смират несигурноста. МОН и Бирото за развој на образованието ќе направат листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенските часови, а кои ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците“, додаде Шаќири.

Исто така, тој кажа дека општините и град Скопје, во годишните програми за работа на училиштата, да развијат и зајакнат превентивни програми за промоција на добрососедството меѓу учениците. Потребни се и активности за развивање на емоционални вештини.

„Им се укажува на директорите да обезбедат стручните служби да функционираат за добра училишна клима. Секое училиште треба да обезбеди услови за ангажман на соработници кои ќе бидат отворени за ученициите и ако има потреба, да закажат тет-а-тет средба со училишниот психолог. МОН заедно со стручните соработници од основните и средни училишта, како и БРО, универзитетски професори и просветни инспектори, ќе формира работна група, која ќе овозможи протоколи за поддршка за психосоцијалното и менталното здравје на учениците“, рече Шаќири.

Пред околу две недели, кога се случи масакрот во белградското училиште, експерти се состанаа со надлежните во МОН и дискутираа што да се преземе за да се спречи насилството во училиштата. Како плод на тие дискусии произлегоа овие препораки.