Дваесет отсто од смртните случаи во земјава се последица на аерозагадувањето

Доц. д-р Мирјана Димовска, Институт за јавно здравје | Фото: Мета.мк

Во Македонија речиси 20 отсто од смртните случаи се поврзани со аерозагадувањето. Ова го покажала анализата на Институтот за јавно здравје насловена како „Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички“, на која работела доцент д-р Мирјана Димовска од овој Институт. За тоа, што му прават ПМ-2,5 честичките на организмот, кои болести се поврзани со аерозагадувањето, како да се заштитиме, зборува токму доц. д-р Димовска во ова интервју за Мета.мк.

Безмалку една петтина од смртните случаи во државата се поврзани со аерозагадувањето. Како дојдовте до овие наоди? 

Се работи за примена на методологија на Светската здравствена организација која започнува да се развива од деведесеттите години наваму. Таа методологија ги анализира ефектите од загадениот воздух врз здравјето на луѓето при долготрајни изложености. Го анализиравме влијанието на загадениот воздух, односно што ќе се случи со популацијата што долго време живее во загадена животна средина и како тоа се одразува на смртноста на истата. Епидемиолошките анализи спроведени досега покажаа дека секое зголемување на загадувачката супстанца од 10 микрограми на метар кубен воздух, во овој случај ПМ-2,5 честичките, ја зголемува општата смртност се зголемува за 6 отсто, додека во однос на ракот на бели дробови тој процент е уште поголем и се движи од 12 до 14 отсто.

Втората методологија што ја применуваме константно, е определување колкав дел, односно колку од ПМ-2,5 честичките претставуваат фракција од вкупната маса на оние поголемите, ПМ-10 честички. Според европскиот просек, 60 проценти од вкупната маса на ПМ-10 отпаѓаат на ПМ-2,5 честичкит. Во случајот со нашата држава, се случува да речиси повеќе од 90 отсто од вкупната маса на ПМ-10 честичките отпаѓа на ПМ-2,5, посебно во зимскиот период, што ни укажува дека главните извори на загадување се процесите на согорување (во индивидуалните ложишта односно домаќинствата, или ложиштата на јавните објекти, моторните возила особено оние постарите). Зошто во нашиот фокус се ПМ-2,5 честичките, затоа што се знае дека тие со сигурност навлегуваат во дисталните (крајните) делови на нашите бели дробови, а покрупните, ПМ-10 ќе се доспеат и ќе се задржат максимум на трахеата (дишникот), левиот и десниот бронх, при што потоа, со кивање или кашлање, можат да бидат исфрлени надвор од горните дишни патишта.

Фото: Принтскрин од документот „Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички“ на Институтот за јавно здравје

Во која возрасна група смртноста е најголема?

Анализирано според возрасни групи, најголема смртност која може да се припише на загадениот воздух, имаме во возрасната група 65 и 75 години. Посебно овие лица се најафектирани од загадениот воздух и кај нас, но и во Европа. При услови на аерозагадување се зголемува стапката на општата смртност, но најмногу ефектот се гледа преку зголемување на смртноста од т.н. циркулаторни заболувања (кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања). Иако очекувањата се дека луѓето најмногу ќе умираат од респираторни заболувања при состојби со високо аерозагадување, тоа не е така, респираторните заболувања и ефекти главно се во доменот на акутните изложености во такви услови. Тие доминираат, но луѓето почесто ќе заболуваат од нив отколу што ќе починат. Само ПМ-2,5 честиките и поситните од нив, можат да продрат преку белите дробови, кои се влезна врата за нив, и затоа првите ефекти се кашлање, стегање во градите, недостиг на воздух. Тие, навлегувајќи во системската циркулација, потоа буквално влегуваат и ги напаѓаат сите ткивата и органите. Најмногу страдаат крвните садови, посебно оние на срцето и мозокот но исто така и периферните крвни садови. Затоа нашите препораки за ризичните групи население сите прошетки и набавки да не ги прават кога воздухот е загаден. Задолжително да го проверат индексот за квалитет на воздухот пред да излезат, да носат маска, но не хируршка, бидејќи таа не штити од ситните ПМ-2,5 честички туку само од покрупните од нив. Треба да се користи ФФП2 или КН95 маска, но многу важно е и маската правилно да се носи, бидејќи и кога би ја носеле најдобрата маска, залудно би било ако не ви е наместена како што треба на носот и устата, при што и штетните честички ќе навлезат во дишните патишта при секое ваше вдишување.

Дали бројот на смртни случаи поврзани со аерозагадувањето, во минатото бил поголем одошто е сега? 

Кога ги анализираме смртните случаи како апсолутна бројка, ќе видиме зголемување. Претходно беа во просек 3.400, па 3.800, па 4.100 смртни случаи просечно ни умираат годишно кои можат да се припишат на загадување на воздухот. Таа состојба на пораст односно тренд се забележува паралелно со појавата на ковид-пандемијата, кога стапката на смртни случаи заради ковид, драстично се зголеми и порасна. Но ако анализираме како процент од вкупната, гледаме дека тој дискретно ни се намалува. Процентот на смртни случаи кои можат да се припишат на загадениот воздух беше 20 отсто од вкупната смртност, а сега е намален на 17-18 проценти, што е добро, има опаѓачки тренд. Но, ќе треба многу повеќе време да ја намалиме таа стапка на атрибутивна смртност, затоа што во Зелената агенда или договорот за 0 загадување на Европската Комисија, се препорачува и очекува истата да се намали на -50 посто во перодот од 2005 до 2030 година. Ние сме на добар пат, ја намалуваме стапаката но тоа треба да се случува со побрзо темпо. Концентрацијата на загадувачката супстанца ни опаѓа, но за тој пад големо влијание има топлото време и температури поврзани со климатските промени. За жал, тоа не се случува заради некои посебни систематски, континуирани и конзистентни мерки кои кај нас се преземаат. Кај нас главно мерките се палијативни, краткорочни и козметички.

Во ризичните групи спаѓаат и децата под петгодишна возраст. Кои болести кај деца се поврзани со аерозагадувањето? 

Уште во бременоста, ПМ-2,5 честичките влегуваат во крвотокот на плодот кај бремената жена која живее во загадена животна средина. Сè почесто се раѓаат деца предвремено, пред терминот и деца со пониска родилна тежина. Во првите години од животот кај децата што растат во загадена средина, може да се забележи заостанување во когнитивниот развојот споредено со децата кои растат во незагадена средина. Во првата, втората година, кога детето стапува во интеракција со непосредната околина и опкружување, може да се забележи се почесто некое од нарушувањата од аутистичниот спектар како и АДХД синдромот (дефицит на внимание и хиперактивност), додека во школската возраст се забележува дека децата родени во загадена средина никогаш не ги достигнуваат перформансите во учење и знаење споредено со оние кои ги имаат децата кои се родени во чиста средина, како на пример во Шведска, Финска. Бројни студии направени на светско ниво покажаа дека нечистиот воздух го ослабува и имунолошкиот систем. Толку се модифицира одговорот на имунолошкиот систем, што предизвикува зголемување на стапката и на автоимуните болести, состојби при кои имунолошкиот систем започнува да ги напаѓа сопствените ткива и органи и не ги препознава како свои.

Исто така, аерозагадувањето предизвикува неспецифично воспаление. Еве како пример, матичните лекари укажуваат дека прават брисеви, но не наоѓаат бактерија или вирус. Тоа е ефект на овие ПМ2,5 честички зашто еден од механизмитеот што го користат лебдечките (ПМ) честички е системско воспаление, покрај оксидативниот стрес. Аерозагадувањето се почесто се поврзува и со дебелината. Иако се работи за анимални студии, забележано е дека кај експериментални глувци, две недели после долготрајнао изложеност на загаден воздух, тие земаат поголеми количини на храна отколку пред изложеноста.

Како да се намали бројката на смртни случаи поврзани со аерозагадувањето? Како да се заштити населението? 

Малите деца под петгодишна возраст, старите лица над 65-годишна возраст, хронично болните, посебно лицата со кардиоваскуларни и церебрални болести, оние кои преживеале инфаркт, мозочен удар – треба да се посебно внимателни и максимално да седат дома кога надвор има услови на екстремно аерозагадување, кои ние ги нарекуваме епизоди. Тука се и бремените жени, и оние кои се професионално изложени – градежни работници, сообраќајци, лица од комунална хигиена. Сепак, поинаку е кога се работи во канцеларија, а поинаку е кога се работи физичка работа, тогаш човекот прави повеќе респирации и внесува поголеми концентрации ПМ-2,5 честички.

Дали здравствените власти ве консултирале вас или вашите колеги во врска со изработка на некаква стратегија која би требало на долг рок да го заштити населението од аерозагадување?

Во изминатите неколку години не гледам некаков сериозен, конзистентен и систематски пристап во решавањето на овој и еколошки и јавноздравствен проблем. Гледаме акутни и краткорочни мерки, како што се субвенционирање на инвертери, велосипеди, електрични тротинети. Со овие мерки не очекувам некој драматичен пад на концентрациите на штетните честички. Мерката бесплатен градски превоз, се дава во услови кога е најзагадено, што не е целосно добро решение. Оваа мерка се препорачува дава, но за популации со висока здравствена свест и култура, а таа мерка не е целосно соодветна за нашата популација. Целта на оваа мерка е да се стимулираат оние што возат автомобили да патуваат со автобус, но најмногу тие бенефити ги искористуваат оние што не треба да излегуваат надвор, односно повозрасното население кое е најранливо и најчувствително.

Она што е потребно да се направи е државата да помогне и заедно со локалната самоуправа да вклучи што повеќе граѓани на централно парно греење, но топланите да работат на гас, потоа да стимулира (со субвенции или даночни олеснувања, на граѓаните да купат нов автомобил, а не да помага при увоз на возат половен и стар автомобил, да субвенционира поставување обновливи извори на енергија (за производство на електрична енергија или затоплување вода), подобрување на енергетската ефикасност кај веќе изградените куќи или згради или градење нови, со висока енергетска ефикасност. Тоа се одржливи мерки, тука нема некоја посебна филозофија, само да се применат практики кои се покажале како функционални и ефикасни. Се разбира, доследното спроведување на законите во пракса особено во однос на сообраќајот и градежништвото е клучна исто така. И најважно иако последно, за аерозагадувањето да се зборува и работи преку целата година бидејќи проблемот е присутен речиси преку целата година, зошто нешто подобар квалитет на воздух имаме само во периодот април-јули.