Сојуз на средношколци: Нашите предлози околу менталното здравје се прифатени и преточени во владините препораки

Од Средношколскиот сојуз велат оти ги поздравуваат препораките на Владата и дека ги ставаат сите свои капацитети на располагање во насока на подобрување на состојбата со менталното здравје на младите и насилството во училиштата

фото: Сојуз на средношколци

Сојузот на средношколци информираше дека нивните четири-предлог мерки за подобрување на состојбата со менталното здравје на средношколците се прифатени од страна на Министерството за образование и наука (МОН). Ова го констатирале по вчерашната прес-конференција на министерот за образование Јетон Шаќири, на која тој ги презентираше десетте препораки на Владата околу менталното здравје на учениците и меѓуврсничкото насилство во училиштата.

„Имено, се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и доколку имаат потреба учениците да можат да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог. Исто така, МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат ќе формира работна група која ќе креира протоколи за соодветна работа при обезбедување на поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците“, велат од Сојузот на средношколци.

Од таму додаваат дека создавањето на протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози – преку тет-а-тет средби со учениците, наместо да вршат административна работа – е заложба на Сојузот уште од мај 2021 година.

Во втората препорака на Владата е предвидено создавање на општински совети за превенција на детско престапништво преку локалните самоуправи и Државниот совет за превенција на детско престапништво, а притоа наведена е потребата од вклучување на Сојузот на средношколци во овие совети.

Од Средношколскиот сојуз велат оти ги поздравуваат препораките на Владата и дека ги ставаат сите свои капацитети на располагање во насока на подобрување на состојбата со менталното здравје на младите и насилството во училиштата.

Шаќири: Нема повеќе користење телефон на час, стручни тимови да разговараат со секое дете