Националниот совет за евроинтеграции ги усвои препораките за поквалитетни работни услови за младите

Документот на ИДУЕП вклучува препораки за соодветни плати за младите, законско регулирање на работата од дома, флексибилно работно време, социјално и здравствено осигурување за фриленсерите.

фото: Институт за добро управување и евроаталнстки перспективи

Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) на својата деветта седница ја разгледа анализата „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, изработена од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и ги усвои препораките од истата, соопшти ИДУЕП.

Препораките содржани во документот вклучуваат квалитетни работни места за младите, соодветни плати, законско регулирање на работата од дома, флексибилно работно време, социјално и здравствено осигурување за фриленсерите, но и 0 отсто персонален данок за младите во ИТ секторот.

Покрај ова, во анализата се препорачуваат законски решенија за платена пракса и волонтирање на младите, стимулирање на компаниите да нудат приватно здравствено осигурување како алтернатива на преоптовареното јавно здравство, вклучување на младите во борбата со корупцијата и здрава животна средина.

Анализата и заклучоците пред Националниот совет ги презентираше Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП. Тој информираше дека проектот бил спроведен од март до декември минатата година со учество од над 30 младински организации, со цел подигнување на јавната свест за проблемот со младинската невработеност, утврдување на пречките кои постојат на пазарот на труд, поголемо јавно говорење и застапеност на младинската (не)вработеност во јавноста, како и утврдување клучни мерки преку заклучоци и препораки.

Седницата ја предводеше претседателот на НСЕИ, пратеникот Александар Николоски, а со свои дискусии и сугестии учествуваа и други пратеници – членови на НСЕИ, како и претставник на Сојузот на синдикати на Македонија.

На дискусијата беа отворени прашања околу селективноста на институциите во управувањето со младинските политики, проблемот со иселувањето на младите, уредување на младинските политики по примерот на високоразвиените земји, како и креирање стратешки пристап за вработување, деполитизација на процесот на вработување и издвојување поголем државен буџет за образованието и науката.

На седницата на Националниот совет за евроинтеграции присуствуваа и Биби Грамсон, заменик-амбасадорка на Кралството Шведска, земја – актуелен претседавач со Советот на Европската Унија (ЕУ) и Марина Курте, советничка за правни прашања и евроинтеграции како претставничка од Делегацијата на ЕУ во земјава.

На крајот од седницата, НСЕИ едногласно одлучи анализата на ИДУЕП со заклучоците и препораките, да се достават до Владата за нејзино информирање и натамошно постапување.