Греењето на домаќинствата е најголемиот извор на загадување на воздухот, а повеќе истражувања спроведени за квалитетот на воздухот од последнава декада од институции како што се: МЖССП, УНДП, Град Скопје и научни студии, покажуваат дека загревањето на домаќинствата е најголемиот извор на цврсти честички, велат од „Еко-свест“. Овие истражувања покажуваат дека кулминацијата на високо загадување, многу над нормалата и над граничните вредности на цврсти честички, има само во зимските месеци и тоа со почеток на грејната сезона.
„Моментално на територијата на целата држава, урбаните и руралните средини, согорувањето на биомасата или огревното дрво, е најчест извор на загревање на домовите. Од последните анализи за коишто и ние како „Еко-свест“ имаме достапни информации, се покажува дека најголем дел од емисиите на загадување на воздухот доаѓаат токму од биомасата, односно високиот процент на домаќинства коишто ги загреваат своите домови со огревно дрво“, вели Давор Пехчевски од „Еко-свест“, Центарот за истражување на квалитетот на воздухот.
Освен огревното дрво, Пехчевски додава дека се согорува и нафта и мазут, најмногу заради нискиот животен стандард на граѓаните и незнаењето на штетните влијанија врз здравјето од согорувањето разни несоодветни материјали.
„Граѓаните горат и материјали како пластика, обоено дрво и обоена хартија, што се најштетни и најмногу го загадуваат воздухот. Затоа е исклучително важна зелената транзиција, затоа што во сеопфатноста на целиот процес се вклучени и институциите и со нивната одговорност и обврска за предводење на овој процес и граѓаните и нивната едукација, информирање и почитување на препораките произлезени од зелената транзиција“, вели тој.
Од „Еко-свест“ сметаат дека зелената транзиција на земјата треба да започне со спроведување на зелената агенда која е дел од претпристапните преговори за влез во ЕУ и подразбира декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, заштита на природата и одржливо земјоделство.
„Потребна е голема поддршка од државата за промена на начинот на загревање на домовите преку субвенционирање на домаќинствата во тој транзициски период кон обновливи извори на енергија. На крајот институциите треба да ги убедат граѓаните дека отпадот што ќе го селектираат ќе се реупотреби или нема да заврши на депонија и дека сето тоа е за општо добро, за нивното здравје и здравјето на нивните деца“, потенцира Пехчевски од „Еко-свест“.
Од „Еко-свест“ упатуваат порака до граѓаните дека горењето несоодветни материјали е опасно за здравјето и животната средина. Користењето материјали како пластика, обоено дрво и хартија може да произведе штетни супстанци кои влијаат на квалитетот на воздухот во домаќинството. Тие препорачуваат до граѓаните да не горат ниту отпад (пластика, стар мебел, дрвени палети, органско ѓубре и други несоодветни материјали), затоа што неговото согорување може да создаде многу штетни емисии коишто влијаат по здравјето на граѓаните, предизвикувајќи кардиоваскуларни и респираторни проблеми.
Инаку, Мета.мк изминатиов период објави две стории за квалитетот на воздухот во Скопје за изминативе два месеца – јануари 2023 и декември 2022 година, кои покажуваат дека проблемот со аерозагадувањето и понатаму е голем за главниот град.
Во Скопје минатиот месец се изнадишавме поопасен воздух во однос на декември 2021 [инфографик]