Скопскиот воздух во јануари: Центар опасно му се приближува на рекордерот Лисиче во аерозагадувањето [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Чистиот воздух бил мислена именка за Скопје и во изминатиов јануари. Измерените податоци за квалитетот на воздухот покажуваат голем број на денови во кои се надминати дозволените среднодневни вредности на ПМ-2.5 и ПМ-10 честички во воздухот. Споредено со јануари 2022 година, годинава имало нешто помал број на денови кога било надминато максималното дозволено загадување од 50 микрограми ПМ-10 на метар кубен. Сепак, она што загрижува е енормното влошување на квалитетот на воздухот на мерната станица во Центар, којшто во јануари 2023 година се доближил до опасното ниво кое веќе подолг период наназад се мери во Лисиче.

Мета.мк ги анализираше податоците од месечните извештаи за јануари 2023 и јануари 2022 година објавени на веб-страницата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Кога станува збор за загадувањето со ПМ-10 честички, достапните податоци за јануари годинава укажуваат дека токму мерната станица во Центар измерила најмногу денови - дури 19 кога била надмината максимално дозволената гранична вредност за присуство на ПМ-10 честички во текот на 24 часа. Од 31 ден во јануари, во Лисиче имало 18 денови кога била надмината дозволената среднодневна концентрација. На локацијата Ректорат надминување имало во текот на 15 денови, додека на мерните станици Карпош и Гази Баба во 14 денови од јануари 2023 година воздухот бил загаден со ПМ-10 честички над дозволените граници.

Најголемо аерозагадување во јануари 2023 година било регистрирано во првата недела од јануари. Па така, на 6 јануари на сите локации за неколку пати била надмината дозволената концентрација на ПМ-10 честички во воздухот. На овој датум, на мерното место Лисиче имало за речиси четири пати повисоки концентрации на ПМ-10 честички во воздухот во споредба со дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен.

Имено, дури четири дена, во периодот меѓу 5 и 8 јануари 2023 година, на мерната станица во Лисиче бил вклучен прагот на алармирање, односно жителите од овој дел на Скопје дишеле екстремно загаден воздух со концентрација на ПМ-10 честички над 150 микрограми на метар кубен.

За разлика од јануари годинава, податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање за истиот месец во 2022 година покажуваат дека најголемо загадување со ПМ-10 честички на воздухот имало во Лисиче во дури 21 ден. Во Карпош лани имало 19 дена кога биле надминати 24-часовните дозволени вредности на овие загадувачки честички, додека во Центар, Гази Баба и Ректорат дури 18 денови од јануари 2022 година имало надминување на дозволената максимална концентрација на ПМ-10 честички во воздухот. Повеќе информации за загадувањето на воздухот во јануари 2022 година во Скопје може да прочитате овде.

И покрај тоа што анализираните податоци покажуваат минимално подобрување на состојбата со ПМ-10 честичките во текот на јануари 2023 година, истиот заклучок не може да се извлече за концентрациите на поопасните ПМ-2.5 честички во воздухот во Скопје. Симптоматично е што во месечниот извештај за јануари 2023 година нема достапни податоци од мерењата за присуството на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерните станици во Центар и Карпош, додека измерените вредности за Ректорат се нецелосни.

Во делот на податоците коишто се достапни во месечниот извештај, може да се забележи дека дури 29 дена од јануари 2023 година била надмината максимално дозволената среднодневна гранична вредност на ПМ-2.5 честички од 25 микрограми на метар кубен. Фрапантни се податоците за првите 10-тина денови од јануари, кога концентрациите на ПМ-2.5 честички биле за неколку пати над дозволената граница. Па така, на 6 јануари загадувањето со ПМ-2.5 на мерната станица во Лисиче било над 7 пати над максимално дозволената 24-часовна вредност.

И измерените вредности од мерната станица во Гази Баба покажуваат дека во јануари 2023 година имало 21 ден кога била надмината максимално дозволената среднодневна вредност на ПМ-2.5 честички во воздухот. Овие податоци се полоши од идентичниот месец во 2022 година. На пример, во јануари 2022 година на мерната станица во Лисиче имало 24 дена кога била надмината дозволената концентрација на ПМ-2.5 честички од 25 микрограми на метар кубен.

Следствено на ова, во јануари годинава жителите кои гравитираат околу мерната станица во Лисиче дишеле за пет дена повеќе опасен воздух, со ПМ-2.5 честички над дозволените граници, споредено со јануари 2022 година.

Мета.мк веќе подолг период наназад предупредува за високите концентрации на загадувачки честички во воздухот не само во Скопје, туку и во другите градови низ земјава. Пред еден месец, објавивме анализа која покажа дека во декември 2022 година сме дишеле поопасен воздух во Скопје во однос на измерените податоци од декември 2021 година.

Во Скопје минатиот месец се изнадишавме поопасен воздух во однос на декември 2021 [инфографик]

Минатиот месец имавме интервју и со доцент д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје, која работела на анализата „Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички“. Димовска даде особен осврт на последиците кои ПМ-2.5 честичките би можеле да му ги предизвикаат на човековиот организам, додавајќи дека 20 отсто од смртните случаи во Македонија се последица на аерозагадувањето.

Дваесет отсто од смртните случаи во земјава се последица на аерозагадувањето

Изминатиов период имавме и серијал на написи за неостварените ветувања на државните и локалните власти за спроведување на мерки преку кои би се намалило загадувањето на воздухот во Скопје. Меѓу нереализираните ветувања, се оние на Владата на РСМ од Планот за чист воздух со којшто се ветуваше дека во 2019 и 2020 година на мрежата на централно парно греење на БЕГ во Скопје ќе бидат приклучени 10.000 нови домаќинства, дека ќе се воведат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила за граѓаните, но и дека ќе се воведе забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови во земјава.

Мета факт: Неисполнето е владиното ветување за приклучување на 10.000 нови домаќинства на скопското парно

Мета факт: Сè уште ги чекаме владините субвенции за набавка на хибридни и електрични возила

Мета факт: Не се исполни ветувањето на министерот Бектеши за забрана на увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард

На општинско ниво, Мета.мк изминативе недели пишуваше дека не е исполнето ветувањето на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за чистење на сите диви депонии на територијата на главниот град, односно од репортажата што ја направивме на терен се уверивме дека незаконски се фрла отпад на неколку локации низ Скопје, којшто се пали и дополнително се загадува воздухот. Една од овие диви депонии се наоѓа на локацијата Вардариште, за која градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски вети дека во својот мандат на оваа локација ќе изгради спортско-рекреативен центар, но во реалноста до денешен ден на ова место се фрла и се пали ѓубре преку кое се загадува скопскиот воздух.

Мета факт: Нема абер од чистење на дивите депонии во Скопје, кому му текне фрла ѓубре кај ќе стигне [фото]

Мета факт: Неисполнето ветувањето на градоначалникот Бобан Стефковски за изградба на спортски центар на Вардариште