Проектот за чистење на ОХИС и судските закони денеска на владина седница


Скопје, 11 декември, 2018 - 9:21 (META) 

На својата 107. седница, денеска Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството, а ќе се зборува и за проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Министерството за правда треба да ги достави за одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци.

На предлог на Министерството за правда, ќе се разгледува и анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари – јуни 2018 година.

Исто така, на денешната седница на Владата ќе биде презентирана и информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Норвешка, со кој ќе се реализира проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Владиниот кабинет ќе одлучува и за предлог-измената на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година.

Ќе се дискутира и за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.


Казните за граѓаните и фирмите ќе се намалат до 75 отсто


Скопје, 3 декември, 2018 - 10:07 (META) 

Во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица, со што, како што велат од Владата се воведува разумна казнена политика.

„Предвидуваме намалување на глобите за физичките лица за 75 отсто. Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Во законот прват се прави градација помеѓу малите, средни и големи претпријатија“, рече премиерот Зоран Заев кој измените ги презентираше со министерката за правда Рената Дескоска.

Дескоска рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.

Таа посочи дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да ги надминат утврдениот минимум и максимум.

„Доколку казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра“, рече Дескоска.

Извршната директорка на Стопанска Комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ рече дека Законот за прекршоци е од особен интерес за претставниците на бизнис заедницата кој треба да биде коректив и поттик за деловните субјекти да можат да го корегираат своето работење и да ги исполнуваат сите предвидени законски обврски. Таа дополни дека бизнис-заедницата имала важна улога во процесот на креирање на законското решение.


Спасовски: Ноќеска помалку кривични дела и прекршоци во однос на претходните дочеци


Скопје, 1 јануари, 2018 - 16:44 (META) 

Изминатата новогодишна ноќ во Скопје се издвојува од неколкуте претходни по тоа што се забележани помалку кривични дела отколку во изминатите години, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на СВР Скопје.

– Навистина имаме големо намалување на кривичните дела и прекршоци што се случиле во новогодишната ноќ во споредбено со 2016, односно 2017 година, при што имаме еден тренд на намалување – рече Спасовски, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Лазе Велковски имаа средба со раководството на СВР Скопје.

Според Спасовски, во споредба со 37 кривични и десетте прекршочни дела евидентирани при пречекот на 2017 година, синоќа од 21 часот вечерта до 8 часот утрово се евидентирани девет кривични дела и осум прекршочни дела, притоа нагласувајќи дека веројатно таа бројка за малку ќе биде зголемена со оглед дека дополнително се пријавени уште неколку настани на чие што расчистување се работи.


„Мост“ промовира нова алатка за пријавување нерегуларности за изборите


Скопје, 30 ноември, 2016 - 15:34 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ креираше уште една алатка со која ќе им овозможи на граѓаните поедноставно да пријават нерегуларности за време на изборниот процес.

– Од денес е активна платформата http://neregularnosti.most.org.mk/ преку која секој граѓанин ќе може самостојно да пријави притисоци, инциденти, проблеми со избирачкиот список, говор на омраза и други прекршоци поврзани со изборниот процес – се вели во соопштението на оваа организација.

Преку оваа платформа, „Мост“ ќе ги следи и ќе ги евидентира и објавите по социјалните медиуми, на кои ќе бидат регистрирани нерегуларности, и тоа преку: #избори2016, #нерегуларности, #СеПоСписок, #фантоми.

Дополнително, доколку самите граѓани не се во можност самостојно да ги внесат овие нерегуларности преку интернет-платформата, покрај бесплатната телефонска линија 080 080 080, „Мост“ креираше и посебна електронска адреса за пријавување нерегуларности: neregularnosti@most.org.mk.


ДИК предупреди до изборната кампања да не се објавува платено политичко рекламирање


Скопје, 15 ноември, 2016 - 21:12 (META) 

Изборната кампања за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија закажани за 11 декември оваа година ќе почне на 21 ноември, информираат од Државната изборна комисија.

ДИК потсетува дека од денот на распишување на изборите па сè до почетокот на изборната кампања, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат, односно да објавуваат платено политичко рекламирање.

„Исто така, од денот на распишување на изборите сè до нивното завршување, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања. За прекршителите на овие одредби, Државната изборна комисија ќе иницира поведување соодветни постапки во согласност со своите надлежности. Висината на глобите за ваквите прекршоци се определени во член 181 и 182 од Изборниот законик“, велат од ДИК.


Ад хок телото со предлог за прекршочна постапка против телевизија „Алфа“


Скопје, 9 ноември, 2016 - 16:09 (META) 

Со мнозинство од три наспроти два гласа, Привремената комисија за следење на медиумското претставување на денешната седница даде предлог за поведување прекршочна постапка против телевизија „Алфа“.

Предлогот се однесува на членот 75-б од Изборниот законик, кој регулира објавување прилози за активности на државните институции.

Двајцата членови кои гласаа против предлогот најавија поднесување издвоено мислење. Адхок телото воедно отфрли неколку други предлози за поведување прекршочни постапки.


Мигрантите ги прекршиле германските закони повеќе од 140.000 пати


Берлин, 2 ноември, 2016 - 11:15 (META) 

Мигрантите од кризните региони кои се населени во Германија просечно извршиле 780 престапи дневно, или вкупно 142.500 прекршувања на законот во првите шест месеци од 2016 година, информираат светските медиуми, повикувајќи се на информации од германската полиција. Споредено со истиот период од 2015 година, бројката е зголемена за околу 40 проценти.

Последната година во Германија пристигнале околу 900.000 мигранти, а овие информации излегуваат во јавноста во период кога канцеларката Ангела Меркел е под силен притисок поради германската политика на отворени врати за мигрантите. Покрај прекршоците на мигрантите, во Германија е познато дека постојат и радикални групи кои извршија напади врз побарувачите на азил од исламофобични побуди.


Возач на автобус шверцувал лекови наменети за коминтенти од Охрид


Охрид, 25 април, 2016 - 15:27 (META) 

Возач на македонски автобус, кој сообраќал на релација Хамбург – Охрид, шверцувал лекови наменети за коминтенти од Охрид.

Царинската управа на Македонија, на граничниот премин Табановце, во два непријавени куфери, сопственост на возачот – македонски државјанин, открила и  запленила 2.655 парчиња разни таблети.

Стоката е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.


Најчести прекршители на јавниот ред и мир се невработени мажи


Тетово, 14 октомври, 2015 - 17:10 (META) 

Во деветте месеци од годинава, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, односно во полошкиот регион, регистрирани се вкупно 431 прекршок од областа на јавниот ред и мир, што е за 16 повеќе во споредба со ланското деветмесечје.

Повеќе од половината или 277 од прекршоците се случиле на подрачјето на градот, а најчесто место на случување и понатаму е улицата.

Од прекршоците, 276 биле извршени од поединци, а значителна, исто така, е и бројката на прекршоците во кои биле инволвирани групи од две, три и повеќе лица.

Меѓу прекршителите најбројни и годинава се мажите, од кои најголем дел се невработени.

Што се однесува до видот на прекршоците, на прво место и понатаму се наоѓаат физичките напади, потоа следуваат тепачките, караниците, наврeдите и омаловажувањата на службени лица, оддавање на пијанство и занемарената грижа за дете.

Во периодот за кој станува збор, регистрирани се 18 нарушувања во и околу училиштата, како и четири на спортски натпревари.

Од СВР Тетово информираат дека со несмалено темпо и динамика продолжуваат со планираните превентивни и други мерки и активности, чија основна цел е спречување на нарушувањата и нивно брзо и ефикасно расветлување.

Приоритет во наредните месеци, ќе бидат образовните и угостителските објекти, во кои е најголема фреквренцијата во текот на неделата или во викендите.


Сообраќајни контроли во Куманово: Од 80 казнати возачи, 50 биле пијани


Куманово, 27 јули, 2015 - 16:27 (META) 

Од 80 прекршоци, колку што констатирала полицијата за време на контролите што викендов биле спроведни на подрачјето на СВР Куманово, повеќе од половината биле за возење под дејство на алкохол, соопшти МВР.

„Од извршената контрола констатирани се 80 прекршоци од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и Закон за возила. Загрижувачки е податокот дека најголемиот број на прекршоци се констатирани за управување возило под дејство на алкохол и тоа во 50 случаи“, соопштуваат од МВР.

Според полицијата, осум прекршоци биле поради возење без положен возачки испит, девет лица биле зад воланот на нерегистирани возила, а пет прекршоци биле за возач-почетник.

Како што соопштуваат од МВР, во акцијата на сообраќајната полиција во Куманово биле контролирани вкупно 259 возачи.

„Заради безбедност на сите учесници во сообраќајот и безбедноста на граѓаните, да не се управува возило под дејство на алкохол и сите да се придржуваат до собраќајните правила и прописи“, апелираат од СВР Куманово.