Само за 15 дена во октомври се изречени казни за неносење маска колку за цел јули (инфографик)

Автор: Арбнора Мемети

Расте бројот на новозаразени со ковид-19, а паралелно со тоа и бројот на казни што ги изрекува Министерството за внатрешни работи за неносење заштитна маска на лице како превенција од вирусот. Владата на седница ги разгледа новите рестритктивни мерки со цел справување со ситуацијата, меѓу кои и мерката за носење заштитна маска на отворено, која се очекува наскоро да биде усвоена откако ќе се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки.

Иако во јавноста оваа мерка доби критики и отвори дилеми, сепак се чини дека заштитна маска не се носи и во сегашните услови кога таа е неопходна. Само во првата половина од месецов, Мининстерството за внатрешни работи регистрирало 11.314 прекршоци за неносење заштитна маска на лицето низ градовите во земјава, што е близу вкупниот број на прекршоци за цел месец јули (11.054).

Во последното деноноќие МВР казнило 628 лица кои не носеле заштитна маска на лицето. Вчера беа евидентирани 445 нови случаи на ковид-19, од кои 249 во Скопје.

Постепениот раст на бројот на новозаболени лица од ковид-19 доведува до построга контрола на полициските службеници во делот на носењето заштитни маски од страна на граѓаните. Во септември се бележи раст на казните по овој основ.

„Мета.мк“ континуирано известува за прекршоците. Во текот на летниот период, односно месеците јуни, јули и август, најмногу прекршоци за неносење маска (20.026) се регистрирани во месец јуни, а речиси двојно помалку се констатирани во текот на јули (11.054), покажуваат податоците на МВР.