Фото: Арбнора Мемети

Угостителскиот објект „Мош“ ќе добие кривична пријава, откако вчеравечер во 22:30 часот во координација со Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници од СВР Скопје затекнале триесетина лица при извршена контрола во скопскиот објект.

„При контролата, во објектот биле затекнати од 20 до 30 гости и било констатирано дека објектот не ја почитува одлуката на Владата за ограничување на работното време на угостителските објекти до 21 часот. Објектот бил запечатен, односно му била изречена мерка забрана за вршење дејност. По целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против одговорното лице ќе биде изготвенa пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, се вели во соопштението од МВР.

Освен кај овој објект, евидентирани се прекршоци од страна на уште два угостителски локали „Холивуд“ и „Три кичен бар“, како и едно јога студио. Државните инспектори утврдиле дека локалите работат по дозволеното работно време до 21 часот и ја прекршиле мерката за забрането групирање над четири лица.

Денеска угостителите ќе мора да затворат во 18, наместо во 21 часот како што беше досега, согласно новиот пакет рестриктивни мерки што ги усвои Владата, на предлог на Комисијата за заразни болести, а кои ќе важат до 21 јануари. И натаму останува забраната за собири на јавни места.

Забрана има и за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид на собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број постетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување на верските празници кои следат.