Новогодишна атмосфера на украсената улица Македонија во Скопје / Фото: Арбнора Мемети

Од утре стапува на сила новиот пакет рестриктивни мерки што ги усвои Владата, на предлог на Комисијата за заразни болести, а кои ќе важат до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници, потсетуваат од Министерството за здравство.

„Угостителите од утре ќе затвораат во 18 часот, наместо во 21 часот, како што беше до сега. На сила останува забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка“, соопштија од ова министерство.

Забрана има и за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид на собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број постетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување на верските празници кои следат. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше и препорача, да нема домашни собири за празниците и да се празнува одговорно, заради сите нас.