!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Спасовски да го смени началникот на СВР Струмица


Скопје, 13 август, 2017 - 11:43 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека два дена молчи за инцидентот во Струмица, во кој полицаец застрела и рани двајца малолетници, „наместо да соопшти детали и да искаже жалење“.

Партијата бара од Спасовски да го смени началникот на Секторот за внатрешни работи Струмица, Танчо Пројковски, кој според нив е одговорен за инцидентот.

– Шеснаесетгодишно момче уште се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а Оливер Спасовски се крие и не одговара на барањата за смена на началникот Трајанчо Пројковски одговорен за полицијата која скандалозно пукаше во деца…Граѓаните очекуваат санкции и крај на полициската бруталност – изјави денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи.

Ѓорѓиевски обвини дека кога СДСМ е на власт и управува со МВР, криминалото зема замав, а страдаат граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека заради неспособноста, СДС ќе го пренесе хаосот во институциите. Тој хаос во полицијата загрозува животи. Тоа е директна вина на СДС со нивните кадровски политики во МВР, разрешувањето на докажани професионалци и на нивно место назначување на партиски кадри кои со нивното раководење во службите сериозно ги загрозуваат мирот и безбедноста – рече Ѓорѓиевски.


Ѓорѓиевски: Апелацискиот суд го погреба концептот на правна држава


Скопје, 19 јули, 2017 - 11:54 (META) 

Вчерашната одлука на судот го погреба концептот на правна држава, изјави денеска пред Апелацискиот суд Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека одлуката за притвор е партиско-политичка нарачка која треба да го означи почетокот на политичкиот прогон во Република Македонија.

– Судот вчера потклекна на притисоците. Судот вчера стана дел од сценариото на СДС и на СЈО со тоа што почна да ги заплашува сите кои не размислуваат како Зоран Заев. Интегритетот и независноста на судството се доведени во прашање. Целта на овој притисок е јасна – да се заплашат сите што се подготвени да се спротивстават на претстојното распродавање на националните и државни интереси – рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе се врати на власт и дека сите „срамни и неправедни одлуки“ ќе бидат преиспитани, а секој што не работел во согласност со законите туку под политички диктат, ќе поднесе одговорност.


ВМРО-ДПМНЕ: Одлуките на Апелација за одземените пасоши не кореспондираат со реалноста


Скопје, 18 јули, 2017 - 12:10 (META) 

Одлуките на Апелацискиот суд, со кои не се вратија патните исправи на лицата што се политички гонети од Специјалното јавно обвинителство, се конформистички и не кореспондираат со реалноста, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Орце Ѓоѓиевски, член на централниот комитет на партијата денеска пред Апелацискиот суд Скопје изјави дека „одлуките се донесени повеќе како компромис“.

– За да не изгледа дека судот ги отфрлил само апсурдните барања на СЈО за притвори и за поригорозни мерки, тој ги отфрла и жалбите на одбраната за враќање на патните исправи, односно за укинување на мерките за обезбедување. Реална опасност за бегство нема. Судот не треба да потклекнува под политичкиот притисок на СДС или, пак, под канонадата на разни неосновани барања на СЈО – рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека судот своите одлуки треба да ги носи исклучиво според Уставот и законите и дека „мерките за претпазливост и за обезбедување присуство кои СЈО од почетокот на своите истраги до денес ги побара за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се крајно неосновани“.

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се политичари со изграден лик и почит помеѓу граѓаните, но и во широките меѓународни кругови, каде уживаат голем углед граден со години. Тие поради природата на својата работа имаат чести патувања и ако сакале досега да избегаат, тоа можеле да го сторат безброј пати. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема сторено ниту едно кривично дело и затоа нема потреба од бегство. ВМРО-ДПМНЕ верува во органите на правосудниот систем и во принципите на владеење на правото и секогаш ќе биде достапно пред тие органи – рече Ѓорѓиевски.


Ѓорѓиевски: Лицемерно е Спасовски да зборува за партизација на полицијата


Скопје, 8 мај, 2017 - 16:11 (META) 

Крајно лицемерно е денес да зборува за професионалност во полицијата, која наводно тие ќе ја донеле, кога истиот тој Оливер Спасовски кога беше неколку месеци на позицијата министер за внатрешни работи направи брутална и противзаконска партизација на полицијата, рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во седиштето на партијата.

Реагирајќи на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, во која тој најави дека под власта на неговата партија полицијата ќе се департизира, Ѓорѓиевски рече Спасовски не организирал ниту една акција за сузбивање на криминалот, а се среќавал со криминалци.

– Истиот тој Оливер Спасовски не направи една полициска акција за сузбивање на криминалот. Напротив се фотографираше со припадници од наркомафијата и подземјето, со фалсификатори како Чауш и со криминалци кои му одработуваа на теренот. Патем СДС никогаш не направило ништо за полицијата. Секогаш ја напаѓале и обвинувале. Деновиве изминаа точно 2 години од бруталното насилство врз полициските службеници на нивниот протест пред владата. Вандалите и насилниците од СДС и платеничката револуција, тогаш повредија 40-тина полицајци. Полициските службеници и целата јавност видоа со кого си имаат работа – рече Ѓорѓиевски.

Тој порача дека единствената реформа при министерувањето на Спасовски во МВР била „унапредувањето на сопругот на Фросина Ременски и целосно партизирање на министерството“.


Криминалците блиски до Заев го труеја Скопје со кокаин, обвинува ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 19 февруари, 2017 - 16:06 (META) 

Криминалците блиски до Заев завршија во притвор заради тоа што го труеја Скопје со кокаин долго време. Сите кои работеле спротивно на законот мора да одговараат, рече денеска на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дали аболираниот криминалец Зоран Заев знаеше за црниот бизнис со дрога на неговиот пријател? Дали Заев му помагал на својот пријател во трговијата со наркотици и дали од сето тоа земал пари за себе или за партијата? Вистинското прашање е зошто толку време овие криминалци беа сигурни во себе дека нема да одговараат? Дали заради тоа што СДСМ скоро цела година го водеше МВР? Дали заради Оливер Спасовски или Примислав Димовски? Се познавал ли притворениот Сеад Рахиќ со нив и дали му помагале – праша Ѓорѓиевски.

Според Ѓорѓиевски местото на криминалците не им е во политиката, туку во казнено-поправниот дом Идризово.


Заев го претвори СДСМ во синоним за криминал, обвини ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 февруари, 2017 - 16:19 (META) 

Зоран Заев го претвори СДСМ во промотор и заштитник на криминалот и партијата стана дувло и синоним за криминал, рече денеска на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Вчера полицијата приведе уште еден соработник на Зоран Заев поради трговија со кокаин. Човекот кој со Заев се сликаше по кафеани си формирал група со која што го затрупувале Скопје со дрога. Од таа дрога децата во Скопје се труеле, а луѓето на Заев се богателе. Претходно Заев и неговиот технички министер се шетаа и се сликаа со лице од Ѓорче Петров кое се бара со потерница. Тој е осомничен за убиство во обид. Заев во неговиот кабинет се среќаваше со блискиот пријател и соработник Захир Бекири Чауш. Криминалци како Харун Хаџибулиќ беа во најблиското опкружување на Зоран Заев на митинзите на СДСМ. Сега и тој е во бегство и се крие од органите на прогон – вели Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека на криминалците местото им е зад решетки, а не во политика и дека народот на 11 декември му порачал на Заев дека е против криминал и корупција.