Мета факт: Мерните станици ветени од Орце Ѓорѓиевски чекаат на реализација во Кисела Вода

До крајот на 2023 година ќе биде поставена мерна станица пред АД Цементарница во Усје согласно програмата на градоначалникот, информираат од Општина Кисела Вода

-

Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во ноември 2021 година вети дека мерни станици што ќе го определуваат квалитетот на воздухот ќе се постават околу сите големи загадувачи во општината. Речиси две години подоцна, единствено е функционална мерната станица до Домот на културата во Кисела Вода кога и беше дадено ветувањето од градоначалникот, а до крајот на 2023 година ќе биде поставена мерна станица пред цементарницата во Усје. Ова ветување до денешен ден е во тек на реализација и допрва треба да биде исполнето.

На 20 ноември 2021 година, како заедничка соработка меѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода, беше поставена мерна станица за квалитет на воздухот во паркот Македонија, кој се наоѓа до Домот за културата во Кисела Вода. Градоначалникот Ѓорѓиевски тогаш вети дека во наредниот период вакви мерни станици ќе се постават околу сите големи загадувачи во општината.

По речиси две години од ваквото ветување на градочалникот, во Општина Кисела Вода функционира само една мерна станица што беше поставена кај Домот на културата. Резултатите од мерењето на загадувачките супстанци може да се следат на следниов линк од сајтот Скопје дише. Исто така, на веб-страницата на Кисела Вода е прикачен посебен банер „Квалитет на воздухот: Измерени вредности“, којшто води до идентичниот сајт каде што може да се разгледаат мерењата од единствената поставена мерна станица во оваа општина.

Мета.мк до Општина Кисела Вода испрати прашања за да дознаеме до каде е постапката за поставување на мерни станици околу сите големи загадувачи во оваа општина, при локалните власти потенцираат дека до крајот на 2023 година ќе биде поставена мерна станица пред АД Цементарница во Усје согласно програмата на градоначалникот.

„Во наредниот период ќе се постават мерни станици и во населба Драчево, населба Пинтија, и на локација меѓу населба Пржино и населба Црниче, согласно ветеното од страна на Градоначалникот во неговата четиригодишна програма“, велат за Мета.мк од Општина Кисела Вода.

Инаку, по официјалното пуштање во употреба на мерната станица во ноември 2021 година од градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, јавно реагираше неговиот претходник Филип Темелковски, кој напомена дека мерната станица во паркот кај Домот на културата била поставена пред пет месеци пред да се случи официјалниот настан од градоналникот Ѓорѓиевски, односно пред локалните избори во 2021 година.

Мерните станици што го определуваат присуството на загадувачки супстанци во воздухот се клучни за осознавање на главните причинители на аерозагадувањето, а преку мерењата може да се определат и кои загадувачки супстанци се најприсутни, во кои временски периоди е најголемо загадувањето, а покрај алармирањето на населението, со нив властите може да определат и идни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Врз основа на фактичката ситуација дека во Општина Кисела Вода во моментов функционира само една мерна станица која е поставена во 2021 година, а до крајот на 2023 година планирано е да се пушти во функција уште една мерна станица кај Цементарницата во Усје, заклучуваме дека ветувањето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека ќе постави мерни станици што ќе го определуваат квалитетот на воздухот околу сите големи загадувачи во општината е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

Макфакс (20.11.2021 година): Во Кисела Вода поставена мерна станица за квалитет на воздухот, проверено на 25.10.2023 година;

Независен (20.11.2021 година): Мерна станица за квалитет на воздухот поставена во Кисела Вода, проверено на 25.10.2023 година;

Медиа плус (29.11.2021 година): Се китат ли новите градоначалници со проектите од претходниците? Информации и дезинформации, проверено на 25.10.2023 година;

Скопје дише: Квалитет на воздухот и измерени вредности, проверено на 25.10.2023 година;

Одговори доставени од Општина Кисела Вода

Скопската Зоолошка градина од денеска е повторно отворена

Зоолошката градина во Скопје од денеска е повторно отворена за посетители, откако пред три недели Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврди случај на птичји грип кај угината гуска...