fbpx

Мета факт: Во тек е реализацијата на ветувањето за меѓународен конкурс за избор на идејно решение за „Расадник“ во Кисела Вода

-

Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во предизборната кампања пред локалните избори во 2021 година им вети на граѓаните дека ќе спроведе меѓународен конкурс за избор на идејно решение за урбанизација на локацијата „Расадник“ во населбата Кисела Вода. Ова ветување што треба да се спроведе во неговиот мандат до 2025 година во моментов е во тек на реализација, беше распишан меѓународниот конкурс, но истиот е поништен поради малиот број на доставени конкурсни трудови. Сепак, Општина Кисела Вода ќе распише нов меѓународен конкурс за Расадник, на кој очекуваат поголем интерес од домашните и странските архитекти и урбанисти и остварување на ова ветување на градоначалникот во текот на неговиот мандат.

Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник на Кисела Вода во изјава за медиумите на 28 септември 2021 година рече дека со неговиот тим во претстојниот мандат ќе работи на реализација на меѓународен конкурс за идејно решение за урбанизација на Расадникот во Кисела Вода.

„Нас почитувани не ни се приоритет провизиите и не ни е приоритет да направиме хаос со 100-тина згради. Нам ни е приоритет рамномерен, плански и развој со многу зеленило. Бидејќи истото го ветуваме во нашата програма и се обврзуваме за тоа. Затоа Расадник ќе биде даден односно за Расадник ќе биде спроведен меѓународен конкурс каде што ќе можат и од земјава, но и од странство да конкурираат со проектно идејно решение и најдоброто решение ќе биде прифатено и ќе се реализира со нормален број на објекти и уште поголем број на паркови и зеленило како што и доликува на една општина како нашата Кисела Вода. Наместо бетонизација и силување за провизии, треба да направиме населба атрактивна за живеење, населба која ќе нуди хуман пристап и многу, многу зеленило“, рече Ѓорѓиевски.

Неколку дена подоцна, тој го повтори ваквото ветување, при што на 3 октомври Ѓорѓиевски изјави дека „јавно, јасно и гласно, ветувам и се обврзувам, дека за Расадник ќе биде распишан меѓународен конкурс, каде што вие граѓаните ќе ги постават условите како да се развива, а фирми од цела Европа ќе можат да конкурираат за идејно решение. Расадник ќе биде населба на можности и зеленило, а не населба со 100 згради како што планираат во СДСМ“.

По неговото доаѓање на функцијата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најпрво во февруари 2022 година го објави нацртот за меѓународниот конкурс за локацијата „Расадник“, при што од Општина Кисела Вода на 11 февруари лани информираа дека за овој конкурс соработуваат со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Неколку месеци подоцна, градоначалникот на Кисела Вода на 13 јули 2022 година информираше дека ден претходно општината го распишала меѓународниот идејно урбанистичко-архитектонски конкурс и ги повика сите заинтересирани професионалци да учествуваат на истиот. На Конкурсот тие очекуваа најмалку седум конкурсни трудови од архитектите, додека првата награда за победничкото идејно решение изнесуваше 15.000 евра.

Во објавениот Конкурс на веб-страницата на Општина Кисела Вода се наведува дека конкурсните трудови треба да се достават најдоцна до 11.11.2022 година до 10:00 часот (по локално време) по пошта или лично со поднесување во архивата на општина Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека по изборот на идејното решение ќе следи и  изработката на деталниот урбанистички план (ДУП) за градската четврт Ј 14, односно за просторот што ја опфаќа локацијата „Расадник“ и додаде дека обидот за бетонирање на Расадникот станува минато, а со тоа и претходно планираните 99 згради на оваа локација.

Веќе на 23 септември 2022 година, од Општина Кисела Вода излегоа со соопштение дека постои голем интерес кај стручната јавност за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадникот, а интерес за учество на истиот искажале и стручни лица од Англија, Иран, Украина, Србија, Црна Гора и други земји.

Сепак, од Општина Кисела Вода за Мета.мк кон крајот на јануари годинава информираа дека до истекот на рокот на меѓународниот конкурс пристигнале четири конкурсни трудови, од кои еден конкурсен труд од Македонија и три конкурсни труда од земји од Европа и Азија.

„Со оглед дека согласно конкурсната документација минимален број на конкурсни трудови кои ги исполнуваат условите беше седум, жири комисијата констатира дека не се исполнети условите за евалуација на пристигнатите трудови и согласно Конкурсните правила му предложи на градоначалникот да го поништи Конкурсот и да објави нов Конкурс“, информираат за Мета.мк од Општина Кисела Вода.

Притоа, локалните власти потенцираат дека Општина Кисела Вода не се откажува од Меѓународниот конкурс и по севкупна анализа за причините за малиот број на пријавени компании од Македонија, како и одржување на состаноци и координација со партнерите во овој проект односно Архитектонскиот факултет од Скопје, Комората на Архитекти на Македонија и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, наскоро повторно ќе објави нов меѓународен конкурс за локалитетот „Расадник“.

„Во Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година предвидени се средства за изработка на Детален Урбанистички план за Ј14-или народно кажано ДУП Расадник, и веднаш по изборот на идејното решение ќе се пристапи кон спроведување на тендерска постапка за избор на изведувач за изработка на ДУП Расадник“, појаснуваат од Општина Кисела Вода.

Ова практично значи дека целокупната постапка за распишување на меѓународниот конкурс ќе треба да се повтори, за што ќе биде потребен период од неколку месеци. Доколку биде успешно заокружена целата постапка со новиот конкурс, на крајот од постапката треба да бидат презентирани победничките конкурсни трудови и да се доделат архитектонските награди. Што е уште поважно, Општина Кисела Вода ќе треба избраниот најквалитетен труд да го преточи во законската постапка за усвојување на нов детален урбанистички план, којшто има десетина чекори на донесување, меѓу кои е и добивањето на позитивно мислење од Агенција за катастар на недвижности и Град Скопје и добивање на согласност од Министерството за транспорт и врски. Конечно, предложениот ДУП треба да биде усвоен и на седница на Советот на општина Кисела Вода.

Сите овие конкретни чекори бараат понатамошна работа на подолг период од минимум неколку месеци од страна на општинските власти, но нема дилема дека ветениот нов ДУП за локацијата „Расадник“ од страна на градоначалникот Ѓорѓиевски би можел да биде усвоен до крајот на неговиот мандат во 2025 година, доколку постои волја и континуирана работа. Од Општина Кисела Вода во доставените одговори потенцираат дека ќе се држат до условите во новиот конкурс како и во претходниот, односно на локацијата „Расадник“ да има минимум 100.000 метри квадратни парк шума и објекти од јавен карактер, со што би се овозмoжило „Расадник“ да биде место за хуман живот. Токму поради ова, оценуваме дека ветувањето на градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во моментов е во тек на реализација, но не е исполнето до денешен ден.

 

ИЗВОРИ:

Република.мк (28.9.2021 година): Ѓорѓиевски: Создаваме нова иднина за Кисела Вода, нови 3.500 паркинг места, Расадник со ново зеленило, проверено на 18.1.2023 година.

Канал 5 (3.10.2021 година): Ѓорѓиевски најави меѓународен конкурс за Расадник, проверено на 18.1.2023 година.

Веб-страница на општина Кисела Вода (12.7.2022 година): Меѓународен конкурс Расадник, проверено на 18.1.2023 година.

Веб-страница на општина Кисела Вода (11.2.2022 година): Архитектонските научни авторитети со поддршка за Меѓународниот конкурс за квартот Расадник, проверено на 18.1.2023 година.

Веб-страница на општина Кисела Вода (23.9.2022 година): Голем интерес за конкурсот за ДУП-от во Расадник, во Англија, Иран, Украина…, проверено на 18.1.2023 година.

Веб-страница на општина Центар: Детални урбанистички планови – чекори на донесување, проверено на 18.1.2023 година.

ТВ 24 (13.7.2022 година): Распишан меѓународен конкурс за избор на идејно урбанистичко-архитектонско решение за градската четврт ј-14 Расадник во Кисела Вода, проверено на 18.1.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...