fbpx

Мета факт: Новата населба за млади во Кисела Вода допрвa ќе се реализира

Локалните власти од Кисела Вода информираат дека на ветувањето се работи, односно дека Деталниот урбанистички план за идната населба за млади ќе биде донесен во 2024 година

-

Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во предизборната програма има ветено проект – реализација на нова населба за млади „Чупино брдо“. Локалните власти информираат дека на ветувањето се работи, односно дека Деталниот урбанистички план за идната населба ќе биде донесен во 2024 година. Реализацијата на ваквото предизборно ветување е во тек.

Во предизборната програма на градоначалникот Ѓорѓиевски „За Кисела Вода гарантираме, создади нова иднина“, на страница 9 од програмата, ветен е проектот за нова населба за млади „Чупино брдо“. Конкретен датум до кога треба да се имплементира проектот не е даден, но периодот на раководење со општината на градоначалникот е до есента 2025 година.

„Вториот горлив проблем е обезбедување станбен простор за младите брачни парови. За решавање на овој проблем Општината ќе испланира, ќе обезбеди инфраструктура и ќе ги продава државните плацови во новата населба Чупино Брдо“, стои во предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го повтори своето ветување и една година по завршувањето на локалните избори, во октомври 2022 година. Тогаш тој напомена дека „Чупино Брдо“ ќе биде нова населба за млади, каде што ќе се обезбеди простор за млади брачни парови.

Од Општина Кисела Вода за Мета.мк информираат дека веднаш по доаѓањето на градоначалничката позиција на Орце Ѓорѓиевски започнало да се работи на изработка на Деталниот урбанистички план (ДУП) за „Драчево 2“, каде се наоѓа зоната „Чупино Брдо“. На оваа локација, на површина од 1.780 хектари е предвидено да има домување за млади брачни парови во општината.

„Очекуваме ДУП за „Драчево 2“ да се донесе во тек на 2024 година. Веднаш потоа ќе се овозможат услови за изградба на инфраструктура, по што ќе се започне и со продажба на земјиште за домување на млади брачни парови како што е ветено во мојата предизборна програма“, информираат за Мета.мк од кабинетот на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Следствено на ова, може да се заклучи дека Општина Кисела Вода во моментов работи на реализацијата на овој проект, односно дека неговата реализација е во тек. Она што допрвa треба да се направи е продажба на градежното земјиште впишано во идниот ДУП на младите брачни парови, како и изградбата на инфраструктурата која што треба да ја направат локалните власти. Земајќи го предвид фактот дека градоначалничкиот мандат завршува во есента 2025 година, може да се заклучи дека има доволно време од речиси две години за исполнување на овој проект, доколку Општина Кисела Води поинтензивно работи на него во наредниот период.

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма „За Кисела Вода гарантираме. Создади нова иднина“, проверено на 11.12.2023 година;

Магазин за туризам и менаџмент (26.10.2022 година): Инвестициски бум во Кисела Вода – Ѓорѓиевски најавува нов урбан лик на општината, проверено на 11.12.2023 година;

Одговори добиени од Општина Кисела Вода.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...