!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Втора јавна дебата за употреба на канабисот во медицински цели


Скопје, 20 декември, 2015 - 10:36 (META) 

Втора јавна дебата на тема „Примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели“ ќе се одржи денеска во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства во соработка со Министерството за здравство.

Дебатата ќе се одржи на Медицинскиот факултет во Скопје со почеток во 12.30 часот.

Учесниците на дебатата ќе дискутираат за предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална и на контролирана употреба на производи од канабис за медициснки цели во Македонија.

Според предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и да се користи само во Македонија и ќе може да го произведуваат само правни лица.


ЛП се залага за легализирање на канабисот во медицински цели


Скопје, 26 ноември, 2015 - 11:00 (META) 

Kомисијата за здравство при Либералната партија ќе продолжи да ја разработува иницијативата за користење на канабисот во медицински цели.

Од комисијата истакнуваат дека канабис сатива, како и другите растенија, чаеви и супозитории познати во фармакологијата, по медицински иследувања и емпириски докази за фармакокинетика и за фармакодинамика, можат да бидат употребени како едно од средствата за лекување.

– Според ова, во согласност со сознанијата и со одлуките на соседните земји, употребата на канабисот во медициски цели задолжително треба да биде легализирана. Понатаму, употребата, дистрибуцијата и увозот на овој вид растенија и лекови потребно е да се уреди со посебни дозволи, така што строгата контрола во согласност со бројот на пациенти заболени од карцином и други патолошки состојби каде има индикација за употреба, ќе ги определи и економските потреби на пазарот – се вели во соопштението на ЛП.

Либералната партија се залага за легализирање на канабисот во медицински цели и е поборник за развој на економијата поврзана со производство и со дистрибуција на канабисот како посебна економска гранка во Македонија.


Тројца добитници на Нобеловата награда за медицина


Осло, 5 октомври, 2015 - 12:45 (META) 

Нобеловата награда за медицина доделена им е на Вилијам Кемпбел од Ирска и на Сатоши Омура од Јапонија за нивната нова терапија за инфекции предизвикани од паразитски глисти, како и на Јоујоу Ту од Јапонија за нејзината терапија против маларија.

Сезоната на објавување на годинешните Нобелови награди почна денеска во Осло, со прогласувањето на добитниците на наградите за медицина, а следната награда ќе биде за физика и ќе биде објавена утре, додека в среда ќе биде соопштено името на добитникот на Нобеловата награда за хемија.

Нобеловата награда за книжевност ќе биде прогласена в четврток, за мир ќе биде соопштена в петок, додека за економија ќе биде објавена следниот понеделник.


Бесплатни прегледи за младите рекреативни спортисти


Скопје, 12 јули, 2015 - 16:13 (META) 

Лицата кои рекреативно спортуваат од следниот месец ќе можат да направат бесплатен преглед на Спортска медицина, соопшти денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Со новата мерка, како што соопшти Тодоров, ќе бидат опфатени околу 25.000 лица, на возраст од 14 до 29 години, кои аматерски се занимаваат со спорт.

Во основниот пакет спаѓа ЕКГ-преглед, хематолошки и уринарен статус, основна крвна слика, мерења на масното ткиво, мускулната и на коскената маса.

Според Тодоров, спортските прегледи имаат цел да им дадат препораки на лицата кои спортуваат во однос на исхраната, како за начинот и за интензитетот со кој треба да се одвива тренингот.

Статистичките податоците на Институтот за јавно здравје во Македонија укажуваат дека 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, што последица на нередовната физичка активност.


Ќе се формира здружение за легализација на канабисот


Скопје, 20 февруари, 2015 - 11:52 (META) 

Утре, во 14 часот, пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, ќе се одржи основачко собрание на здружението на граѓани „Канабис клуб“, пишува на настанот кој е формиран на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Како што е објаснето ,основната мисија на ова здружение ќе биде легализација на канабисот за медицинска употреба.

„Ова здружение ќе оди во насока и ќе се стреми да биде твое здружение затоа што хиерархиска линија и поставеност ќе нема и секој поединец ќе може да помогне. Секој ќе може со својата активност да придонесе во развивање нова свест од добивките што би ги имале со легализација на канабисот во Македонија. Прва зацртана цел ќе биде организирање собир на 20 април, во 16.20 часот, на Школка во Градски парк во Скопје. Во план е да се забавуваме, да има неколку работилници поврзани со употребата на канабисот во современата медицина, ќе се смееме и ќе пееме, а и ќе поканиме музички групи и поединци со својот настап да ја дадат својата поддршка за нашата иницијатива“, пишува на социјалната мрежа.