Студентите по медицина се вклучија во „војната“ со ковид-19, Велиу: Нашата хумана професија го бара тоа

Студентите по медицина се вклучија во „војната“ со ковид-19. „Имаме хумана професија, ова е она што го правиме секој ден, ѝ помагаме на заедницата“, вели Ревије Велиу, една од студентките од шеста година по општа медицина, која ќе се приклучи во поддршката на своите колеги на фронтот за соочување со корона вирусот во земјата, пишува Порталб.мк.

Велиу истакна дека таа заедно со нејзините колеги, самите им понудиле помош на  медицински колеги, затоа што констатирале дека РСМ не стои добро со кадри од областа на медицината.

„Нашата земја, како и светот воопшто, се соочува со голема криза, јас и моите колеги доброволно се активиравме да помогнеме. Согледувајќи ја ситуацијата, им се понудивме за помош на здравствените установи уште од почетокот на пандемијата. Имаме предвид дека нашата земја не е во добра финансиска состојба, а има и недостиг на кадар во областа на медицината. Нашата професија е хумана, да и се помага на заедницата, затоа сме многу задоволни што ќе можеме малку да придонесеме“, вели Велиу.

Додава дека, иако нема доволно искуство за справување со пациенти во ситуација на пандемија, заедно со нејзините колеги, се подготвени да лекуваат пациенти заразени со ковид-19. Сепак, нивните одговорности ќе бидат постепени.

„Бидејќи сè уште немаме работно искуство, нашите претпоставени нема да не постават директно во борба против вирусот, и покрај фактот дека студентите од шеста година се подготвуват за тоа. Многу студенти се пријавија доброволно да се соочат и да им помогнат на заразените пациенти во нивниот третман. Во овој случај ние ќе бидеме индиректно вклучени, односно ќе ги обработуваме телефонските анкети и ќе ги собираме потребните податоци. Несомнено, мислам дека и ова само по себе ќе биде искуство“, рече Велиу.

Таа вели дека треба да се земе предвид фактот дека вирусот сè уште не е добро познат во медицинската наука, затоа придонесот на сите е многу важен во борбата против корона вирусот.

„Вирусот сè уште не е добро познат, секаде во светот постојано се вршат анализи и истражувања, а секако дека младите лекари треба да се консултираат со повозрасните, разбирливо е дека тие имаат повеќе искуство. Улогата на младите лекари треба да биде да ја обезбедат потребната помош, да придонесат што е можно повеќе и сите заедно мораме да ја добиеме оваа борба против вирусот ковид-19“, додаде Велиу.
Оваа студентка ја опиша борбата со корона вирусот како синџир кој во моментот кога ќе се скине, останува еден дел загрозен. Затоа апелираше до сите да ги почитуваат мерките и да бидат што е можно поодговорни за јавното здравје.

„Би рекла дека борбата против вирусот оди како синџир, каде и да се скине дел, тој е загрозен. Медицинскиот персонал несомнено мора да го прави невозможното (како што и прави), безбедносните институции и полицијата мора да бидат активни во контролите, дали преземените мерки се спроведуваат од населението и на крајот на краиштата, многу е важна свеста на граѓаните. Тие треба да бидат максимално заштитени со употреба на заштитни маски, за да се заштитат себе си и другите, поточно, да бидат одговорни“, посочува Велиу.

Инаку, студентите од шеста година општа медицина ќе ги поддржат своите колеги, епидемиолози, во напорите да се справат со пандемијата на корона вирусот, информираа од Министерството за здравство. За таа цел, минатиот четврток, министерот за здравство Венко Филипче и деканката на Медицинскиот факултет во Скопје, Соња Топузовска, се состанаа со студентите за да разговараат за нивно вклучување во процесот на справување со корона вирусот.