Студентите од шеста година по медицина ќе им помагаат на колегите во процесот на справување со ковид-19

Студентите од шеста година по општа медицина ќе им дадат поддршка на своите колеги, епидемиолози, во напорите за справување со пандемијата со корона вирусот, информираат од Министерството за здравство. За таа цел, денеска Министерот за здравство Венко Филипче и деканката на Медицинскиот Факултет во Скопје, Соња Топузовска, имаа средба со студентите од шестта година на која се разговараше за вклучување на студентите, идните лекари, во процесот на справување од корона вирусот.

„Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучуваат во поддршка на своите колеги. Тие се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува. Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуниција со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците“, истакна министерот Филипче, и додаде дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на ковид-19.

Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеца по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје. Координацијата и распределбата на групите е во тек, а ангажманот на студентите ќе започне во најкус можен рок.

„Вклучувањето на студентите е директна помош за здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во кризата. Дополнителна придобивка е што студентите, освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје, која ја извршуваат во шесттата година од студиите и истата ќе им биде признаена“, потенцира Топузовска.