Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан се добитници на Нобеловата награда за медицина

Image by Florian Pircher from Pixabay

Американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан се годинешните добитници на Нобеловата награда за медицина, одлучи Нобеловиот комитет. Овие двајца експерти ја добија наградата за физиологија и медицина за нивните откритија и придонес во однос на рецепторите за температура и допир во човечкото тело, соопштија од Нобеловиот комитет.

„Нашата способност да чувствуваме топлина, студ и допир е од суштинско значење за преживувањето и ја поткрепува нашата интеракција со светот околу нас. Во нашите секојдневни животи ги земаме овие чувства здраво за готово, но како се активираат нервните импулси за температура и допир да може да се чувствуваат? Ова прашање го решија годинашните добитници на Нобелова награда. Дејвид Џулиус користел капсаицин, соединение од чили пиперчиња што предизвикува пецкање за да идентификува сензори во нервните завршетоци на кожата кои реагираат на топлина“, соопштија од Нобеловиот комитет.

Воедно, тие образложуваат дека признанието за Ардем Патапутијан е поради тоа што користел клетки чувствителни на притисок за да открие нова класа сензори кои реагираат на механички дразби во кожата и внатрешните органи.

„Овие револуционерни откритија предизвикаа интензивни истражувачки активности што доведоа до брзо зголемување на нашето разбирање за тоа како нервниот систем чувствува топлина, студ и механички стимули. Добитниците открија критични недостасувачки врски во нашето разбирање за сложената поврзаност на нашите сетила и околината“, соопшти денеска Нобеловиот комитет.

Инаку, Дејвид Џулиус е професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско во САД, а роден е во 1955 година во Њујорк, САД. Ардем Патапутијан е роден во 1967 година во Бејрут, Либан. Тој е професор во „Скрипс рисрч“ во Ла Џола, Калифорнија, а истражувач е и во Медицинскиот институт „Хауард Хјуз“.