fbpx

Многу пациенти – малку персонал, педијатриското одделение во Струга преоптоварено со пациенти од другите градови

-

Поради недостиг од лекари педијатри во Охрид сите пациенти на кои им е потребна лекарска помош или хоспитализација се препраќаат во Струга, пишува Порталб.мк. Како што објави порталот на албански јазик, за време на сезоната на разни вирусни заболувања, лекарите во Струга се преоптоварени бидејќи редиците на родителите кои со своите деца чекаат за преглед стигнуваат и до надвор од педијатриската установа. Состојбата е ваква веќе една година, а Министерството за здравство молчи. Во текстот кој го пренесуваме во целост, понатаму се вели дека здравството во РСМ, со посебен акцент на заминувањето на медицинскиот персонал од земјава, доби забелешки во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во нејзиниот евроинтеграциски пат.

Егзодусот на белите мантили од нашата земја кон Запад остави негативни последици врз здравствениот систем. Поради недостиг на лекари, педијатриското одделение во Охрид од ноември минатата година работи само како дневна амбуланта, па поради тоа децата кои треба да бидат хоспитализирани се испраќаат во Струга. Во Струга доаѓаат и пациенти од Дебар и од Ресен. Има периоди кога се прават по 100 прегледи на ден, а тука работат само 5 специјалисти кои се одговорни за две одделенија – педијатрија и неонатологија. Директорот на Општата болница во Струга вели дека педијатриското одделение во овој град има доволен број на персонал потребен за бројот на пациенти во рамките на капацитетите на општина Струга, но преоптовареноста доаѓа како последица на пациентите кои доаѓаат од другите градови.

„Во Одделението за педијатрија во Струга работат 5 специјалисти, а имаме и 3 специјализанти од областа на педијатријата. Факт е дека во нашата болница немаме недостиг од кадар, но имаме големо преоптоварување со пациенти кои доаѓаат од другите градови, претежно од Охрид“, изјави Арменд Арслани, директор на Општата болница во Струга.

Сепак, бројот на медицински персонал во Педијатриското одделение во Струга е низок за да може да се справи со толку голем број на пациенти, особено за време на сезоната на вирусни заболувања. На социјалните мрежи пред неколку дена стана вирален постот на струшкиот педијатар Вулнет Бектеши кој загрижен јавно побара помош од Министерството за здравство и директорите на општите болници во Струга и Охрид.

Реакцијата на др. Вулнет Бектеши на неговиот профил на Фејсбук / принтскрин

Реакцијата на доктор Бектеши ја поддржаа голем број граѓани кои велат дека ја ценат пожртвуваноста на лекарите од ова одделение.

И додека лекарите го губат трпението и енергијата од преоптоварената работа и во тешки услови, од надлежните институции не се преземени никакви конкретни чекори. Министерството за здравство го игнорираше нашето барање за информација и до овој момент нашата редакција нема добиено никаков одговор на прашањата упатени до оваа институција. Оваа институција не одговори ниту на нашите повици на бројот на канцеларијата за односи со јавност.

Колку лекари си заминале од Северна Македонија во текот на овие години?

Заминувањето на медицинскиот персонал од нашата земја во последниве години стана тренд кај нас. Во болниците во Северна Македонија секојдневно се чувствува тој недостиг на лекари специјалисти, а младите лекари наведуваат дека главната причина за нивното заминување е неможноста да се вработат во одредена болница.

„Неодамна Здружението на лекари специјализанти спроведе една анкета на тема заминувањето на лекарите специјализанти во странство. Причина број еден за нивното заминување е немањето на постојан работен однос во одредена болница. Околу 70% од испитаниците одговориле дека доколку се вработат во одредена јавна здравствена установа би размислиле и да останат во својата земја, на второ место се ниските примања, меѓучовечките односи и работните услови“, изјави за Порталб.мк Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Др. Александра Георгиева вели дека „за да имаме утре, мора да размислиме денес“. За да се спречи колапсот на здравствениот систем, таа порача да се направи анализа на состојбите во болниците во земјава.

„Недостигот од системски решенија во однос на планирањето на потребниот кадар во Скопје и во внатрешноста, селективните вработувања, фактот што сè уште има приватни специјализации, како и мобингот, кој е рак на нашето општество, го зголемуваат овој тренд на заминување. Македонија, како земја со низок развој, секогаш ќе ја губи битката за лекари со развиените западни земји, но она што можеме да го направиме за да го спречиме колапсот на здравствениот систем во следните пет години е да направиме една анализа на ситуацијата. Мапирање на недостигот од медицински кадар во болниците, да се отворат конкурси за да се апсорбира што повеќе кадар и да се направат измени во законот за здравствена заштита“, нагласи др. Георгиева.

Официјалните власти во Северна Македонија немаат точен број на лекари кои си заминале од земјава. Но, од Лекарската комора информираат дека во рок од пет години – од 2017 до 2022 година – потврда дека против нив не се води постапка пред Судот на честа побарале вкупно 568 лекари. Оваа потврда им е потребна на сите оние кои заминуваат на специјализација во странство, но и на оние кои ја напуштаат Северна Македонија. Од Лекарската комора информираат и дека од 2012 до 2016 година такви потврди им биле издадени на над 600 лекари.

Здравството во РСМ доби критики во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата во нејзиниот евроинтеграциски пат.

Во извештајот се истакнува дека здравствената заштита сè уште не е во согласност со законите на ЕУ во областа на правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита. За здравствените нееднаквости, активната програма за здравствена заштита им овозможува на некои целни групи да имаат пристап до здравствена заштита, вклучително и ромската заедница и луѓето кои живеат во оддалечените области, кои можат да бидат посетени од медицински работници, се вели во извештајот.

Здравствениот сектор во Северна Македонија сè уште се соочува со недостиг на медицински персонал, бидејќи медицинските сестри и специјалистите си заминуваат, преминуваат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Овој феномен влијае на пристапот до специјалисти, предизвикува високи трошоци за здравствена заштита кои не се покриени со здравственото осигурување и сè уште недостига стручна обука за користење на напредната здравствена опрема, се нагласува на Извештајот на ЕК.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...