!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кандидатите за градоначалници ветуваат препород за Сарај


Скопје, 5 октомври, 2017 - 10:34 (META) 

Со буџет на Општина Сарај од 20 милиони евра, кога би застанале на челото на општината, четворицата кандидати за градоналник на оваа општина, ветуваат дека ќе направат многу. Така кажаа на вчерашната дебата од дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“, „Вистиномер“ и телевизијата „Арт“.

Башким Бакиу од Беса, Блерим Беџети од ДУИ, Екрем Алија од Алијанса за Албанците и Сефедин Алиу од ДПА ветија дека 30 отсто од буџетот би се трошеле за реконструкција на постојните и за изградба на нови улици и патишта, како и за изградба на училиште во Чајлане, превоз за учениците од селата, изградба на поликлиника во Сарај, подобро управување со отпадот и за инвестиции во туристичките капацитети Матка, езерото Треска и рекреативниот центар Сарај.

Исто така, беше ветено ново училиште во Свиларе и ординации и други медицински установи од јавното здравство, а ако недостига медицински кадар, би се ангажирале и Косовци, пренесува „Порталб“.

Дебатата ја водеше новинарката Јета Џара. Дебатниот карван „Живот во Македонија“ продолжува денеска во Гостивар.


Посебен сообраќаен режим за „Пресвета Богородица“ на Матка


Скопје, 26 август, 2017 - 12:53 (META) 

По повод верскиот празник „Успение на Пресвета Богородица“, чие што духовно чествување, според најавата на МПЦ-ОА ќе се одржи во село Долна Матка, во манастирот „Пресвета Богородица“, СВР Скопје во текот на утрешниот и задутрешниот ден ќе воведе посебен сообраќаен режим во реонот кон манастирскиот комплекс.

Сообраќајниот режим се однесува за периодот од 16,00 часот до 20,00 часот и тоа на локалниот пат село Сарај –ХЕЦ „Матка“ кон манастирскиот комплекс.


Полјакот Старнавски нурна до 240 метри во пештерата Врело и го урна сопствениот рекорд


Скопје, 19 август, 2017 - 14:38 (META) 

Светски познатиот спелеолошки нуркач Криштоф Старнавски од Полска се спушти на длабочина од 240 метри во подводната пештера Врело на Матка, соборувајќи го минатогодишниот сопствен рекорд од 230 метри.

Старнавски во придружба на неговиот тим и со логистичка поддршка од домашните спелео- нуркачи од клубовите „Акватек“ и „Врело“ од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да се спушти на оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен „ребридер“.

– Подводната пештера Врело е извонредна, со кристално чиста вода и огромни галерии. Сакам да изразам голема благодарност до мојот како и до македонскиот тим од нуркачи, со кои успеавме да направиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и над 800 метри во должина. Она што е најважно е што утврдивме дека постојат уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас како човек и нуркач сум во потрага по најдлабоката истражена пештера во светот, а Врело има голем потенцијал да стане токму тоа – кажа Старнавски.

Минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на нуркачот Луиџи Касати кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.

Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции и истражен е само дел од нејзината внатрешност.Не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.

Со 200.000 денари, Градот Скопје финансиски ги поддржа сите истражувања на подводната пештера Врело преку здружението „Акватек“.


Пожарот на Матка го подметнал малолетник


Скопје, 6 август, 2017 - 17:24 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека за пожарот во селото Долна Матка осомничен е малолетникот Л.Ш. (17) од Скопје.

„На 3 август во Единицата за известување и команда во СВР Скопје телефонски пријавено e дека во селото Долна Матка, во близина на кајакарскиот клуб, односно шумата спроти реката Треска е зафатена од пожар кој се ширел со голема брзина. Веднаш по пријавата за настанот на местото излегоа полициски службеници од полициската станица Сарај, вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ и од ЦУК, a известен e и јавен обвинител. По преземените оперативни мерки и активности дојдено е до сознание дека можен сторител на кривичното дело е Л.Ш. (17) од Скопје“, информираат од Министерството.

Од таму додаваат дека по комплетирање на целосната документација, против него ќе биде поднесена кривична пријава.


Пожар на Матка, се шири кон Шишево


Скопје, 3 август, 2017 - 20:32 (META) 

Пожар попладнево избувнал на Матка и се шири кон браната и кон селото Шишево, соопшти Центарот за управување со кризи.

Како што информираат од ЦУК, пожарот избил на левата страна на браната Матка, зафатил мешана шума и постепено почнал да се шири кон планината Водно. Огнените јазици подоцна се префрлиле и на десната страна на браната и се шират кон соседното селото Шишево.

Противпожарните екипи веќе се на терен и се обидуваат да се справат со огнот.


Реализирана прва акција за чистење на дното на езерото Матка


Скопје, 21 мај, 2017 - 11:55 (META) 

Нуркачите на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје, нуркачи од Охрид, Кавадарци и Битола успешно реализирале спуштање низ езерото Матка од подводната пештера Врело се до местото викано Широко езеро (на половина од браната до пештерите) со цел на лоцирање и означување на подводен одпад, и негово понатамошно отстранување.

Акцијата ја реализирале нуркачи кои биле помогнати со повеќечлен логистички тим и два моторни чамци.

По успешно реализираниот прв чекор, како што најави Кире Ангелески, претседател на спелео-нуркачкиот клуб Врело, ќе започне чистењето на дното на езерото, во кое можат да се вклучат сите заинтересирани за заштита и зачувување на животната средина.

Ова е една од десетте еколошки акции предвидени за ова лето, под наслов „За да не се срамиме пред нашите поколенија за загадените води и уништената природа“.


ОЈО го истражува вчерашното убиство на Матка


Скопје, 16 април, 2017 - 16:55 (META) 

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредби за спроведување истражна постапка против две 19-годишни лица, осомничени за вчерашниот кривично-правен настан на скопска Матка, во кој при тепачка беше убиено едно малолетно лице.

„Едното лице е осомничено за убиство, според член 123 од Кривичниот законик, додека второто е осомничено за учество во тепачка од член 132 од Кривичниот законик. Двете лица се лишени од слобода и против првото до судија на претходна постапка ќе биде поднесен предлог за определување притвор, додека за второто лице ќе бидат предложени мерки за претпазливост“, стои во соопштението од ОЈО.

Од ОЈО наведуваат дека надлежниот јавен обвинител работи на целосно расветлување на мотивите за кривично правниот настан, во кој освен убиеното момче, било повредено уште едно лице во блиско крвно сродство со убиениот.

„За таа цел издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, наредби за ДНК-анализа, како и наредби за вештачење на сите траги и предмети пронајдени на лице место, а кои се во врска со кривично-правниот настан“, стои во соопштението и се додава дека покрај двете осомничени лица, сослушани се и други три лица.


Малолетник убиен на Матка


Скопје, 15 април, 2017 - 17:22 (META) 

Седумнаесет годишниот Х.И. е убиен денеска во скопското село Матка, откако при тепачка со 19-годишниот Е.А. бил прободен со нож.

Како што информираат од МВР, инцидентот се случил околу 15 часот на влезот од селото Матка, при што Е.А. го прободел со нож во пределот на градниот кош малолениот Х.И., кој починал на самото место.

Лицето можен сторител е приведено во полициската станица во Ѓорче Петров и се работи на расчитување и на документирање на настанот, изјавија од МВР.


Полјакот Старнавски нурна до 230 метри во пештерата Врело и го урна рекордот на Казати


Скопје, 2 септември, 2016 - 13:38 (META) 

Спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го урна рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати и успеа да се спушти на длабочина од 230 метри во пештерата Врело на Матка.

Овој подвиг на Старнавски траеше шест часа, а дел од неговата експедиција беа и домашните нуркачи сертифицирани за пешетерско нуркање од нуркачкиот клуб „Акаватек“ и од спелео-нуркачкиот клуб „Врело“.

–  Почнавме од 188 метри, по што најдлабоката точка до која дојдовме беше 230 метри. Оттука пуштивме сонда со која измеривме уште други 20 метри во длабочина, по што следува голема кривина која не можевме да ја испитаме на овој начин. Според моите проценки, по оваа кривина сигурно има уште некои 30-тина метри, кои се надевам ќе можеме да ги истражиме во нашата следна експедиција. Теренот понатаму е многу тесен и полн со кривини, па ќе ни треба повеќе време и поинаква опрема за да го совладаме – вели Старнавски и додава дека е горд на домашните нуркачи, кои се покажаа достојни на задачата и му е чест што имал можност да нурка со професионалци како нив.

Во организација и на покана на „Акватек“ и на „Врело“, Старнавски неколку денови, заедно со тимот од домашните нуркачи, ги правеше подготовките и го проверуваше теренот за подлабоките нуркањата во пешерата Врело, по што во четвртокот го урна рекордот на Казати, кој во 2010 година се спушти на 212 метри длабочина.

Експедицијата имаше цел да прибере информации од неоткриените делови на подводната пештера, дали постојат нови краци кои се двојат од основната патека и да откријат до каде таа се простира.


Акции за чистење на Водно и на Матка


Скопје, 8 мај, 2016 - 11:15 (META) 

Претставници на граѓанските организации денеска имаат акции за чистење на падините на Водно и на кањонот Матка.

Под мотото „В џеб, ако нема каде друго!“, волонтери на Движењето за едукација и за унапредување на дијалогот ЛЕАД, денеска ќе ги чистат падините на Водно. Волонтерите со жичницата  ќе бидат префрлени до врвот на Водно, а оттаму, пешачејќи до Средно Водно, ќе собираат отпадоци.

Како што информираат од ЛЕАД, ова ќе биде прва од шесте акции што во следните шест месеци ќе се организираат за чистење на падините на Водно.

Освен расчистување на планината, акцијата има цел и да ја зголеми свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина. Затоа, активистите ќе носат маици со слоганот „В џеб, ако нема каде друго!“. За време на втората акција ќе бидат поставени и 100 дрвени таблички со истиот слоган.

Чистењето на кањонот Матка е дел од серијата активности на граѓанските организации „Го грин“, „Ајде Македонија“ и „Грашаница“, кои ги организираат со претставници на туристичкиот и на јавниот сектор за чистење отпад во Скопје, Охрид, Демир Капија, Маврово и во Крушево.