Нацрт-законот за Матка е готов, но сега се чекаат мислењата на новите градоначалници на Скопје и Сарај

Фото: Bijonse, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Репрогласувањето на Матка како споменик на природата ќе почека додека новите градоначалници и совети на Град Скопје и Општина Сарај се запознаат со Нацрт-законот за репрогласување на кањонот Матка како заштитено подрачје – категорија III. Првичната верзија на законот, која е изработена во согласност со Законот за заштита на природата и Извештајот за проценка на влијанието на регулативата се веќе подготвени во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, од таму информираат дека за текстот на законот да дојде до јавноста ќе треба претходно да се спроведе консултативен состанок со новите кабинети на градоначалниците на Скопје и Сарај, како и советите на Градот и Општината и да се обезбедат мислења од засегнатите страни, согласно Студијата за ревалоризација.

„Во моментот сме во очекување да се формираат новите тимови на локалните самоуправи. Веднаш потоа документите ќе бидат јавно достапни и ќе следи одржување на Јавната расправа која ќе биде од отворен вид со цел сумирање на ставовите од сите засегнати. По одржување на јавната расправа и разгледување и вметнување на забелешките од засегнатата јавност ќе се изработува Предлог-законот“, информираат од Министерството.

Во меѓувреме, додека 17 години чека да му се утврди статусот според законот за природа донесен во 2004 година, еден од најскапоцените предели во земјата е запоседнат од дивоградби. Платформи, објекти и различна инфраструктура што ја уништува природата со години е нерешлив проблем за Матка, со кој не се справија ниту градската ниту општинската власт.

Решавањето на статусот на градбите, велат во Министерството, ќе треба да следи по усвојувањето на Законот за прогласување на заштитено подрачје споменик на природата Кањон Матка и изработка на Планот за управување, со што ќе се дефинира и управувањето на заштитеното подрчачје по зони. Сепак, како што потенцираат од таму, согласно правната регулатива нема пропишан рок колку време може да помине од објавувањето на нацрт верзијата до изработката на предлог законот, ниту пак се знае кога ќе биде готов Планот за управување.

Кањонот Матка е еден од најзначајните локалитети во националниот систем на заштитени подрачја, бидејќи поседува повеќе природни и културни карактеристики и обележја и има научно, воспитно, образовно, духовно и туристичко значење, е наведено во Студијата за ревалоризација.

Во документот се обработени геологијата, геоморфологијата, ерозијата, климата, хидрологијата, флората, вегетацијата, фауната и социоекономските карактеристики на локалитетот. Направена е и анализа на состојбата, валоризација на природните вредности на заштитеното подрачје, дадени се заклучоци и препораки за идниот статус на заштита, предлог граници и предлог зонирање, излистани се заканите по природното и културното наследство, предложени се мерки за реставрација и дадени се предлози за спроведување на мониторинг.

Студијата за ревалоризација на природните вредности на Кањон Матка е разработена уште во 2010 година, во рамките на проектот на УНДП „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“, со средства од Европската Унија. Пред две години, исто така преку УНДП, беше финансиран и проектот за преиспитување на границите на заштитената зона, неопходен за да се донесе Законот за репрогласување.