Одговорноста за Матка да значи и санирање на штетите во природата, бараат екологистите

Фото: Арбнора Мемети

Кривичните обвиненија за поставување на платформи во заштитеното подрачје на Матка треба да се истераат докрај, но паралелно со нив треба и да се бара санирање на штетите и враќање на околината во првобитна состојба, апелираат екологисти и вљубеници во природата. Барањето одговорност за долгогодишното дивеење со различни градежни зафати е само еден чекор во заштитата на споменикот на природата, кој што поскоро мора да ја добие вистинската законска заштита и соодветно управување.

„Одговорноста за узурпацијата на Матка требаше да се бара порано, иако никогаш не е доцна. Сепак, за да се обезбедиме дека нема и во иднина да ни се повторат вакви случувања, Градот Скопје и Министерството за животна средина мораат што поскоро да ја подготват законската рамка за репрогласувањето на Матка како заштитено подрачје“, смета Васил Анастасовски, географ и претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија.

Посочува дека платформите мора итно да бидат отстранети и да се санираат евентуалните штети кои се направени во околината, со оглед на тоа дека Матка, како заштитено подрачје е дом на голем број ендемични видови.

„Тоа се монтажни објекти, но и покрај тоа можно е да направиле оштетувања на околината. Местото не им е таму, мора да бидат отстранети, а принцип кај секоја деградација е дека мора да следува враќање во првобитна состојба, колку што е можно повеќе. Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“ предвидува уредување на управувањето и формирање на јавно претпријатие, што се аспектите неопходни за вистинска заштита на Матка. За да избегнеме нови деградации во иднина кои ќе водат до нови кривични пријави мора да се знае кој управува со заштитеното подрачје. Се надевам дека ќе биде прифатен и ќе успеее предложениот концепт управувањето да го преземе Градот Скопје и да биде поставена соодветна чуварска служба, бидејќи доколку ја имаше и досега можеби немаше да се случуваат ваков тип на активности“, посочува Анастасовски.

Матка е прогласена за споменик на природатаво 1994 година со Одлука на тогашното Собрание на Градот Скопје. Таа сѐ уште е на сила, додека не заврши процедурата за репрогласување, која ја бара законот за заштита на природата од 2004 година и според неа во кањонот, кој претставува уникатен природен резерват, забранети се било какви градби и градежни активности, движење на посетители без претходна најава, не смее да се возат моторни чамци и да се градат платформи, не смее да се фрла отпад и да се испуштаат отпадни води, ниту да се предизвикуваат бука и вибрации или без контола да се влегува во пештерите.

Сепак, отсуството на соодветна заштита и управување во изминатите години, како и префрлувањето на одговорноста помеѓу локалните и централните власти ја остави Матка на милост и немилост на узурпатори и профитери. Као последица на тоа денеска Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело Узурпација на недвижности согласно член 225 став 1 од Кривичниот законик. Ќе одговара жител на Глумово кој врши дејност за патнички воден транспорт и кој со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природатаи на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа, како и 25-годишник од Глумово која исто така на брегот на езерото поставил дрвена платформа со метална конструкција. Можат да добијат затворска казна до три години.