Објавен е Нацрт законот за репрогласување на Матка како споменик на природата

Министерството за животна средина го објави Нацрт законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата, а јавната расправа за неговата содржина е закажана за 17 октомври. Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.

Како што информираат од министерството, богатството и разновидноста на природните вредности, биодиверзитетот и геодиверзитетот, се основни причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државата. Во 2020 година во рамките на проектот „Подобрување со управување со заштитените подрачја“, во соработка на Град Скопје со УНДП и национални експерти беше извршена ревизија на Студијата за валоризација на природните вредности Матка, со која беа дадени предлози за измена на постоечките граници и за зонирањето.

„Врз основа на Студијата и Предлогот за прогласување на заштитениот локалитет Кањон Матка за споменик на природата, донесен од Советот на Градот Скопје, беше изработен Нацрт-Законот за прогласување на Матка за споменик на природата“, посочуваат од Министерството.

Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот во Собранието, а ќе треба да биде дефиниран и управувач и да се формира управувачка структура.