Порталб: Во очекување на репрогласување на заштитено подрачје, Матка и понатаму загрозена

Фото: Арбнора Мемети

Додека кањонот Матка ги чека административните процедури да биде прогласен за заштитено подрачје, во езерото Матка и понатаму има моторни чамци, кои според одлуката Матка да се прогласи за споменик на природата се строго забранети, пишува „Порталб.мк“.

Според оваа одлука, објавена во Службен весник во мај 1994 година, која сè уште е во сила, во кањонот, единствен природен резерват, не само што се забрануваат какви било градби и градежни активности со кои би се нарушил интегритетот и изгледот на овој споменик на природата, туку е забрането и движење на посетители без претходна најава.

И покрај ова, сопствениците кои ги изградиле незаконските платформи, а кои се исто така во спротивност на оваа одлука, продолжуваат да користат моторни чамци што посетителите можат да ги позајмат за прошетка по езерото.

На прашањето до каде е постапката за утврдување на границите на заштитеното подрачје што треба да ја спроведе Град Скопје за Матка да може повторно да се прогласи за заштитено подрачје како споменик на природата, во согласност со законот за заштита на природата, од Град Скопје соопштија дека го чекаат финалниот документ од Студијата за ревалоризација.

„Градот Скопје го чека финалниот документ од Студијата за ревалоризација на природните вредности на кањонот Матка. По добивање на овој документ, Градот ќе достави иницијатива до МЖСПП за повторно прогласување на овој локалитет со доставување на Предлог одобрен од Градскиот совет на Скопје за заштитен локалитет – Кањон Матка. По завршување на целата постапка предвидена со Законот за заштита на природата, Собранието треба да усвои Закон за повторно прогласување на кањонот Матка – заштитен локалитет“, изјавија за „Порталб.мк“ од Град Скопје.

Во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање во согласност со Законот за заштита на природата, во 2014 година подготви предлог-закон за прогласување на Матка за споменик на природата со предлог за надворешни граници. Но, за предлогот да дојде во владина процедура, за прогласување на Матка за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата, Градот Скопје мора конечно да ги утврди границите на заштитеното подрачје.

Кањонот Матка чека уште од 2004 година повторно да биде прогласен за заштитено подрачје Споменик на природата. Една од најубавите природни реткости во земјата, во која живеат многу ретки и ендемични растителни и животински видови, вклучително и египетскиот мршојадец и белоглавиот мршојадец (грифон), кои се наоѓаат на црвените листи на загрозени видови, остана незаштитена скоро две децении пред нападите на дивоградбите и без соодветно управување што би обезбедило зачувување на природните вредности на кањонот.

Иако Законот за заштита на природата, донесен пред 16 години, предвидува сите делови на земјата, заштитени со старите закони, повторно да се прогласат, дефинирајќи ги границите и управителот со овие области, постапките за ова се одвиваат со многу бавно темпо.

Законот не предвидува рокови за овие активности, па Матка, како и многу други области, се оставени на милост и немилост на разни узурпатори. Иако старата одлука за прогласување на Матка за споменик на природата, донесена во 1994 година од тогашното градско собрание на Скопје, согласно Законот за заштита на природните реткости од 1973 година, сè уште е на сила, кањонот остана без управител, затоа што спелеолошкото здружение „Пеони“ не ја извршува оваа функција и Матка е целосно незаштитена.

За овие 16 години, преку грантови од меѓународни институции, подготвени се два неопходни документи, но нивните конечни верзии не се готови, за да постапката за повторно прогласување се заврши.

Во 2010 година беше изготвена Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје, Споменикот на природата „Кањонот Матка“ во рамки на проектот на УНДП „Зајакнување на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“ со средства од Европската унија. Минатата година, исто така, преку УНДП, беше финансиран проект за ревизија на границите на заштитеното подрачје, потребен за усвојување на Законот за прогласување на локалитетот Матка за споменик на природата.

Според одлуката за прогласување на Матка за Споменик на природата донесена во 1994 година од тогашното Собрание на Град Скопје, во кањонот можат да се движат само пловни објекти со електрична енергија.

Во Матка, според овој документ, не само што не смее да се возат моторни чамци и да се градат платформи, не смее да се фрла ѓубре и да се испуштат отпадни води, не смее да се предизвикува бучава и вибрации или да се влегува во пештерите без контрола. Одлуката е толку детална што е забрането дури и да се скине едно цвеќе.