Изработката на Законот за репрогласување на кањонот Матка како споменик на природата е во завршна фаза и локалитетот наскоро ќе ја добие заштитата која му припаѓа, а ќе се решава и прашањето на дивоградбите. Министерот за животна средина Насер Нуредини одговарајќи на прашање на Мета.мк вели дека во моментов во тек се разговори меѓу Градот Скопје, Општината Сарај и резерватот „Јасен“ за финализирање и формализирање на менаџирањето на заштитениот предел.
Едно од најуникатните подрачја во земјава, кањонот Матка, бил прогласен за споменик на природата во 1994 година со Одлука на Собранието на Градот Скопје. Кањонот е дом на ретки и ендемични видови на растенија и животни, меѓу кои и египетскиот и белоглавиот мршојадец, кои се на црвените листи на загрозени видови.
Во 2004 година, новиот закон за заштита на природата создаде обврска сите заштитени подрачја да бидат репрогласени според новите услови, со утврдување на границите и управувачот на подрачјето. Но, и покрај своето непроценливо значење, Матка чека повеќе од петнаесет години повторно да биде споменик на природата. Во меѓувреме се соочи со невидена девастација на природните убавини, загадување, узурпација на брегот и нелегални градби. Делумна причина за тоа е и фактот дека кањонот подолго време нема управувач.
„Очекуваме да најдеме најсоодветно решение за соработка меѓу сите три институции кои се инволвирани во заштитата на Матка. Управувањето ќе биде доделено само на еден субјект, но ќе постои супервизија од повеќе страни“, вели Нуредини.
Тој најавува и решавање на проблемот со дивоградбите кои во последната деценија и половина се намножија и директно ги загрозуваат приодните реткости. Нуредини вели дека можности за легализација на диво изградени објекти во заштитеното подрачје нема.
Сè што е дивоградба на Матка останува дивоградба. Министерството нема да дозволи никава можност ниту по еден основ таму да се легализира нешто, дециден е Нуредини.
Граѓанските активисти, пак, кои години наназад предупредуваат за состојбата со која се соочува Матка, барааат не само отстранување на диво поставените платформи и кривична одговорност за сторителите, туку и санирање на штетите и враќање на околината во првобитна состојба, особено заради тоа што Матка е дом на многу видови што се сретнуваат само тука. Тие посочуваат дека значењето на овој споменик на природата е огромно, заради што и Одлуката за прогласување на Матка за споменик на природата, донесена во 1994 година, содржи строги ограничувања кои забрануваат возење на моторни чамци во езерото, освен пловила на електричен погон, забрануваат секакви градби и градежни активности, движење на посетители без претходна најава, фрлање отпад и испуштање отпадни води. Забрането е и да се предизвикуваат бука и вибрации, без контола да се влегува во пештерите, но и кинење, берење или оштетување цвеќе и растенија.