Заштитата на кањонот Матка конечно мрдна од место, Град Скопје предлогот го праќа во Министерството

Фото: Арбнора Мемети

Градот Скопје ја заврши ревизијата на Студијата за ревалоризација на локалитетот Матка, а препрогласувањето на кањонот како споменик на природата конечно може да мрдне од мртва точка. Документот денеска е пред Советот на Скопје, а советниците се очекува да донесат одлука предлогот за прогласување на заштита на кањонот да се достави до Министерството за животна средина, кое, пак, треба да ја продолжи постапката и да спроведе ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет како споменик на природата.

Како што веќе пишуваше МЕТА, Матка чека цели 16 години за да се обнови заштитата на ова, едно од најуникатните и најдрагоцени делови од нашата природа. Кањонот, како споменик на природата бил прогласен во 1994 година со Одлуката која ја донело тогашното Собрание на Градот Скопје, но со донесувањето на законот за заштита на природата во 2004 година сите делови од земјата заштитени според стари закони, мораше да бидат репрогласени, со утврдување на границите и управувачот на подрачјето.

 

Фото: Арбнора Мемети

Во меѓувреме во 2010 година е изработена Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка, во рамките на проектот на УНДП „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“ со средства од Европската Унија. Минатата година, исто така преку УНДП, беше финансиран проект за преиспитување на границите на заштитената зона, неопходен за да се донесе Законот за прогласување на локалитетот Матка за споменик на природата. Со завршувањето на ревизијата од страна на градските власти. Матка, по 16 години чекање, има реални шанси наскоро поврторно да добие вистинска заштита како споменик на природата.

Постапката продолжува во Министерството за животна средина, каде предлогот треба да се подготви за да ја помине владината процедура и по завршувањето на целокупната постапка предвидена со Законот за заштита на природата, Законот за репрогласување на Матка ќе треба да биде донесен од Собранието на Македонија. Итноста на заштитата на кањонот Матка е дотолку поголема, што споменикот на природата веќе неколку години е без активна заштита откако спелеолошкото друштво „Пеони“ не ја врши оваа функција. Јавноста е сведок дека природните реткости на пределот многупати беа доведувани во опасност заради најразлични недозволени инфраструктурни зафати, за кои и до денеска нема ниту казни, ниту разрешница.