Се подготвува законот за прогласување на Матка за споменик на природата

Фото: Bijonse, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) подготвува предлог закон за прогласување на кањонот Матка за споменик на природата. Најавата за почеток на процесот за подготовка на нацрт -законот е објавен во Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), но детали уште не се споделени, пишува Порталб.мк.

Кањонот Матка ќе биде прогласен за споменик на природата, со цел да се заштитат неговите природни вредности, кои се од особено значење за зачувување на природата.

„Со прогласување на Споменик на природата Кањон Матка за заштитено подрачје се овозможува – зачувување на природната состојба на локалитетот Кањон Матка преку заштита на природните и други вредности – спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите – создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност – одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, се вели во соопштението објавено на ЕНЕР.

Од Министерството за животна средина за Порталб.мк велат дека се очекува нацрт -законот да биде готов наскоро.

„Законски сме обврзани да објавиме дека се подготвува нацрт-закон и дека наскоро ќе биде објавен. Во моментов е завршната фаза на подготовка, а нацртот се уште не е достапен за јавноста“, велат од министерството.

Постапката нема да заврши тука, бидејќи по забелешките на јавноста, ќе треба да се изготви Предлог-закон, кој ќе треба да се одобри од Владата, пред да влезе во процедура во Собранието, каде што ќе треба да се изгласа, пренесува Порталб.мк.

Матка, едно од најубавите природни реткости во земјата, дом е на многу ретки и ендемски видови растенија и животни, вклучувајќи го и египетскиот мршојадец и белоглавиот мршојадец, кои се наоѓаат на црвените листина загрозени видови. Сепак, вистинска заштита нема веќе 17 години.

Кањонот беше прогласен за споменик на природата во 1994 година со одлука донесена од тогашното Собрание на Град Скопје. Со донесувањето на Законот за заштита на природата во 2004 година, сите делови на земјата заштитени според старите закони мораа повторно да се прогласат со определување на граници и управител на областа.

Со повторното конечно објавување, овој локалитет ќе добие нов управител, кој ќе треба да се грижи за целокупната заштита на кањонот. Управувањето со заштитеното подрачје пред два месеци беше тема на разговори меѓу Град Скопје, Општина Сарај и резерватот „Јасен“. Како што најави тогаш министерот за животна средина Насер Нуредини, се бараше најсоодветното решение за соработка помеѓу трите институции вклучени во заштитата на Матка. Управувањето ќе биде доделено само на еден ентитет, но ќе биде надгледувано од многу страни. Нуредин тогаш посочи дека нема да има можност за легализација на дивоградбите во Матка.