И по поднесување на две обвиненија од Јавното обвинителство во врска со нелегалните платформи на Матка, објектите и понатаму стојат „непоколебливо“ над вода, додека узурпаторите немаат преземено никакви мерки за нивно отстранување, пишува „Порталб.мк“.
Нелегалните платформи веќе долго време се поставени на Матка, и иако овој проблем беше повеќе пати покренуван од медиумите, властите не презедоа мерки за негово решавање.
Од Министерството за транспорт и врски за „Порталб.мк“ изјавија дека надлежностите во врска со ова прашање се пренесени на Општина Сарај.
„Надлежностите во овој поглед веќе неколку години се пренесени на Општина Сарај. Сите постапки во врска со легализацијата на тие платформи ги спроведува општината. Законот за легализација ги вклучува сите објекти што биле изградени до 3 март 2011 година и е јасен дека само тие објекти можат да бидат легализирани. Тоа го вклучивме во законот. Тој закон мора да го спроведуваат општините. Колку општините го спроведуваат тоа е работа на Државниот градежен инспекторат. Сопствениците на платформите еднаш побараа легализација, општината ги отфрли нивните барања, мораше да ги отстрани, инспекторатот излезе на терен, но процедурите се одвиваат во општината“, изјавија од ова министерство.
Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, како и службените лица на оваа општина, не се достапни да појаснат дали работат на решавање на ова прашање, како и што ќе се случи сега откако Обвинителството покрена обвинение.
Портпаролот на оваа општина вели дека градоначалникот нема време да одговори на редакцијата на „Порталб.мк“ на прашањето упатено преку официјалната електронска пошта пред околу две недели.
Во меѓувреме, од Основниот суд за „Порталб.мк“ изјавија дека по поднесувањето на обвинението од Обвинителството, случајот со нелегалните платформи на Матка е во фаза на проценка на обвиненијата и потоа ќе се закаже судење.
Основното јавно обвинителство минатата недела поднесе предлог за обвинение против две лица за кривично дело – Узурпација на недвижен имот, според член 225, став 1 од Кривичниот законик. Тие се обвинети за узурпирање на локација прогласена за Споменик на природата на Матка.
„Првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец-поединец кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата. Имено, на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 м2“, се наведува во соопштението на ОЈО.
Второобвинетиот, 25 годишен жител на село Глумово, на пет катастарски парцели исто така на езерскиот брег, поставил дрвена платформа со метална конструкција на површина од 189,54 метри квадратни, на која имал изградено привремен објект со површина од 187 метри квадратни.
Да потсетиме дека нелегалните платформи на Матка сè уште не се отстранети. Во меѓувреме, пловење со моторен чамец по езерото Кањон Матка е строго забрането, а одлуката за прогласување на Матка за споменик на природата е донесена во 1994 година од тогашното градско собрание на Скопје, со што е утврдено дека во кањонот може да се движат само пловни објекти без погон или на електричен погон.
Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе тужба до Јавното обвинителство против градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, за злоупотреба на службената положба од член 353 став 1 и несовесно работење во службата според член 353 став 1 од Кривичниот законик. Сепак, обвинителството во јуни годинава ги отфрли овие кривични пријави.
Антикорупциска има работено неколку месеци на овој предмет и врз основа на документите добиени од надлежните институции и Општината беше заклучено дека градоначалникот, иако имал законски надлежности, не го одбил барањето за легализација на незаконска градба во заштитеното подрачје.
Според член 22 од Законот за локална самоуправа, цитиран од претседателката на Антикорупциска Билјана Иваноска, градоначалникот е должен да донесе решенија за управни спорови, да се грижи за животната средина, што во овој случај не беше сторено. За овој случај во Општината, решавало лице кое немало ниту знаења ниту надлежности.