Матка ќе се репрогласи како споменик на природата до крајот на годината

Фото: Мета.мк

Кањонот Матка сè уште чека репрогласување како споменик на природата и вистинска заштита на реткостите кои можат да се најдат на овој локалитет. Министерството за животна средина во моментов работи на додефинирање на текстот на Нацрт-законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата, откако ги доби писмените забелешки од Градот Скопје, Општината Сарај и другите засегнати институции. Постапката за конечно донесување на законот очекуваат да заврши до крајот на годината, до кога ќе треба да биде дефиниран и управувач со заштитеното подрачје и да се формира управувачката структура.

Министерството за животна средина минатата година ја изработи првичната верзија на Нацрт законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата, кој е во согласност со Законот за заштита на природата од 2004 година. Претходно, во јуни 2020 година во соработка со Град Скопје, УНДП и национални експерти беше извршена и ревизија на Студијата за валоризација на природните вредности на заштитеното подрачје. Промените беа во насока на измена на постоечките граници и утврдување на предлог зоните во ГИС со наративни описи и дефинирање на режимот на заштита.

„Студијата заедно со Предлогот за прогласување на заштитениот локалитет Кањон Матка за споменик на природа, донесен од Советот на Град Скопје, беше доставена до Министерството, врз основа на што се изработи Нацрт законот. Репрогласувањето на Матка ќе биде финализирано со усвојување на законот кој треба да биде донесен до крајот на годинава“, информираат од Министерството.

Во Градот Скопје велат дека процедурата за репрогласување на Матка како споменик на природата тече и дека целта е да се донесе квалитетен закон со кој ќе се земат во предвид сите аспекти кои се важни за овој локалитет.

„Во постапка е процедурата за изменување и дополнување на Нацрт законот од причина што надлежното Министерство сè уште ги разгледува доставените забелешки. Целта е нивно имплементирање за да се добие квалитетен и функционален закон за граѓаните на Скопје и пошироко, земајќи во предвид дека Кањонот Матка е и атрактивна туристичка локација“, велат од Градот Скопје.

Кањонот Матка е еден од најзначајните локалитети во националниот систем на заштитени подрачја, бидејќи поседува повеќе природни и културни карактеристики и обележја и има научно, воспитно, образовно, духовно и туристичко значење.

За неговата заштита од узурпација на брегот треба да се грижи Општината Сарај, односно локалниот градежен инспекторат. Основното јавно обвинителство уште во 2020 година има отворено две постапки против две лица за узурпација на брегот на езерото, каде поставиле дрвени платформи и изградиле објекти. Ова се само два од повеќе примери на уништување на природата на Матка со платформи, објекти и различна друга инфраструктура, што се случија во изминатите 18 години, додека се чека репрогласувањето. Сега, истовремено со очекувањето на законот и репрогласувањето, јавноста ја бара и разрешницата на овие, но и на другите случаи на узурпација, кои мора да завршат со санација на штетата и со враќање на локациите во првобитна состојба.

Напишете коментар